Неопходните мајмунлаци

Златните детски рачиња иако често се користат за правење бељи, најкорисни се за учење нови вештини. Со нив тие го контролираат светот што ги опкружува, креираат и градат сè што ќе замислат за да се изразат, прво со гестикулации, потоа со шкртки, а понатаму и со пишани зборови.

Родителите ја знаат важноста на фините моторички вештини, особено кога се работи за пишувањето… но она што можеби не знаете е дека… наместо да ги терате децата уште повеќе да вежбаат пишување, треба да ги изнесете надвор и да ги пуштите повеќе да висат на игралиште или на некое место соодветно за ”мајмунски” активности. 

По природа на нештата, координацијата и контролата на мускулите кај децата се развиваат од горе надолу и од внатре кон надвор. Тоа значи дека развојот оди од главата кон прстите на нозете и од торзото кон екстремитетите. Според ова правило, рацете доаѓаат последни.

Што значи развој на фината моторика?

Тоа не значи дека рацете не се активни при развојот на детето, но бебешките рачиња започнуваат со прости, рефлексивни движења и стисок со целата шака. Со текот на времето, овие движења се усложнуваат и стануваат поконтролирани. Но сеуште не се сметаат за фини моторички движења.

За фина моторика се смета високо прецизна моторичка контрола да обедините 5 прсти за да работат заеднички на детална работа која што бара прецизни и скоро неприметни движења, како што е држење молив за да го напишете вашето име. 

Но пишувањето не е само во зглобот, туку во инкорпорација на целото тело.

За да си го напишеме името треба:
– Горниот дел од телото да е доволно силен за да го држи телото исправено во стоечка или во седечка положба.
– Мускулите на рамената мора да бидат доволно силни за да ја контролираат тежината на раката и доволно флексибилни слободно да ја ротираат позицијата на раката при пишување.
– Надлактицата ја носи тежината на подлактицата и на шаката, носејќи ја раката кон листот за пишување.
– Зглобот ја држи раката стабилна и ја ротира во соодветната насока.
– Прстите се виткаат околу моливчето кое се фиксира со помош на палецот.
– Заеднички, сите пет прсти играат прецизно на листот хартија: позиционирање на моливот на точниот агол за да се допре со хартијата, притискање и одржување на точниот притисок за да се стави трага и координирање на мали движења лево, десно, горе, доле на самата хартија. 

Ако некој од овие мускули во ланецот на настани не си ја извршува правилно работата, тогаш испишувањето на името би била тешка задача.

Играме и пишуваме…
Качување, висење, лулање и сите други високо енергетски активности кои ја зголемуваат силата во горниот дел од телото и мускулатурата на трупот се витални вештини за фините моторички вештини. 

Виткање, вртење, бесење и лулање помагаат при развој на флексибилноста и подвижноста потреба за ротација на рамената, лактите, рачните зглобови и прстите.

Со буткање, влечење, тегнење и подигање себеси се гради силата, додека се развива интуитивното разбирање за основи на физиката како тежина, притисок и отпор.

А кога сме кај вратилото, неструктуирана игра е најдобра за градење сила и вештина во рацете. Пластелините, песокот, водата и калта или било која друга тактилна игра е одлична за сензорното искуство на мозокот и рацете што еден ден може да значи и подобар ракопис.

Затоа кога ги подготвуваме децата за пишување, прво треба да ги пуштиме да си играат на игралишта опремени со вратило, разбој или рипстол.

Понекогаш, кога не можете да ги однесете децата на игралиште каде можат да го вежбаат горниот дел од телото и стабилноста на трупот, овозможете им простор во домот каде ќе правите вежби што ги опфаќаат овие регии.

Буткање ”количка”
Оваа вежба е интересна за низ дома или низ двор и е одлична за билдање сила во рацете. Децата подобро е да се држат за колковите наместо за нозете за да се спречи прекршување во кичмата.

Одење како рак
Децата ја обожаваат оваа вежба и ќе бидете изненадени колку далеку можат да стигнат со само малку тренинг. Седнете на земја и подигнете го задникот додека се придржувате на раце и нозе. Потоа движете се низ просторијата најдалеку што можете. Дозволено е движење нанапред и наназад. 

Одење како пеперутка
Видете колку полека можете да се движите, нежно како пеперутка. Движете на сите четири контралатерално.