Наслов

Летен камп - „Сан & фан” во Ливадиште

Од 19 до 25 јуни се одржа првата смена од летниот камп SUN & FUN во авто кампот Ливадиште. Триесетина ученици на возраст од 10 до 14 години имаа можност да уживаат на бреговите на Охридското езеро, но воедно и да научат многу од обуките што се одржуваа во тие седум дена.

Сите активности се одвиваа според претходно разработено сценарио кое што предвидуваше оредена активност во секој дел од денот, а сепак децата да си имаат слобода и време за себе.
Покрај активностите во вода и на плажа, организаторот се потруди и да пренесе дел од знаењето на едукаторите ангажирани во кампот.

- Ги охрабруваме родителите што е можно повеќе да ги пуштаат децата на ваков вид на одмор. Ги набљудував децата како родител и можам да кажам дека тие секој ден се повеќе се осамостојуваа и стануваа поодговорни. Секако дека имавме случаи на носталгија за дома уште во првата вечер, но со разговор го надминувавме тоа и сите деца останаа до крајот. Едноставно, постојаните активности ги окупираа да не размислуваат на ништо друго, освен да ја завршат задачата и да уживаат, рече Ирена Беловинов, едукатор во SUN & FUN.

Инструкторите од Ројал Аква Менаџмент вршеа обука за пливање и активности во вода, а едукаторите вршеа обука за прва помош, користење на кампинг опрема, нутриционизам, ориентација, планинарење. Исто така имаше и демонстрација на едноставни хемиски експерименти, активност што ја потврди целта на летниот камп – постојано учење и надградување, наспроти класичниот начин на одење на одмор.
Децата пешачеа до Радожда каде што го посетија римскиот пат Виа Игнација, посетија обука за прва помош за што и добија дипломи, маркираа планинарски патеки, користеа топографски карти и компас при планинарењето, самоиницијативно станаа и гледаа изгрејсонце, имаа филмска вечер, диско и логорски оган.

-Целта беше постигната. Децата се сплотија со природата, оддалечени од модерната технологија, а сепак останаа креативни. Научија како да ја почитуваат водата, да пливаат и како да се однесуваат кога се на плажа. Научија да се организираат, социјализираат, да го испланираат времето, рече Кристијан Апостолоски, инструктор во Ројал Аква Менаџмент.

Со надеж дека следната година уште повеќе деца ќе се охрабрат да излезат од секојдневието и да добијат желба да спортуваат, другаруваат и научат многу нови животни вештини.

Сонце и забава му е потребно на секое дете.

05 Јули 2017

За авторот