Наслов

Креативни игри за најмалите кои стимулираат пишување

Најдобра подготовка за пишување секако е играта. Но не каква било игра, туку таа кога детето е ангажирано, кога ги развива своите сетила и кога стекнува определени вештини. Подолу во текстот следат неколку вежби кои може да ги поврзете со некакви случувања, приказни или активности за да го поттикнете детето по завршената задача да додаде свои елементи, да го дополни цртежот, да го охрабрите и да го пофалите.

Постојат разни вежби и игри кои можат да му помогнат на вашето дете, заедно со вас да ја совлада вештината за пишување. Од вас ќе се бара трпение и добро расположение и вежбата може да почне :)

Системски вежби за пишување

Системските вежби за пишување ќе ви ги олеснат разните чкртанки, боенки и работни тетратки што ги има во изобилство во нашите продавници. Пред да набавите ваков материјал и да ги почнете вежбите со детето, обрнете внимание на неговата уредност, на редоследот и тежината на вежбите, кои треба да бидат приспособени на неговата возраст.

Играјте си

Во овој период можете да продолжите со сите игри што придонесуваат за развој на мускулатурата на дланките – дајте му на детето потенка жица да ја свитка со рацете во форма на накит, да врзува јамки од коноп со различна дебелина, да сече и да лепи, да прави фигури со тесто и пластелин,

Правилно држење на моливот

За детето да научи правилно да го држи моливот и да стекне сигурност во повлекувањето линии, треба да му се овозможи работа со линијар и шаблони со различни облици. Нека повлекува различни линии со различни должини, бои, паралелни, вкрстени, испрекинати... Нека направи цртеж со спојување точки и слично.

Заоблени и криви линии

За детето да ги совлада буквите, треба да научи да повлекува криви и заоблени линии. Затоа почнете со цртање бранови, па детето нека продолжи! Обидете се да нацртате федери со различни должини, полжав со голема куќичка. Постепено воведувајте вежби кои бараат поголема прецизност во работата, како лавиринти, спојување слики и слично... Совладувањето на хоризонталните и на вертикалните рамни линии може да се поттикнува и низ различни цртежи кои детето треба да ги дополни.

Ориентацијата е важна

За успешно совладување на материјалот од речиси сите предмети, важно е да се работи на развојот на просторната ориентација кај детето. За што подобар развој на просторната ориентација, треба да барате од децата прецизно да се изразуваат кога го опишуваат местото на предметот во просторот. Нацртајте серија од домино-плочки кои наместо вообичаеното обележје, имаат необични шарки – цртајќи идентични, детето истовремено ќе вежба набљудување, помнење, просторна ориентација и ќе се подготвува за пишување.

Воведување букви

На крај, експертите предлагаат воведување букви, поточно вежби со кои слободните детски движења по хартијата ќе се претворат во линии. Запознајте го детето со елементите на напишаните и печатните букви, нека ги пишува по пример што сте му го задале, обидувајќи се да биде што попрецизно (обликот, големината и раздалеченоста меѓу буквите). Со време, движењата на рацете на детето ќе бидат сè посигурни. Со ваша помош, правилно ќе го држи моливот кога ќе ви пишува некаква порака, честитка за роденден, израз на љубов...

Бреинобреин Еуропе
www.brainobrain.com.mk

 

14 Ноември 2017

За авторот