Како против смогот?

И после сè, едно јаболко сепак може да ве држи далеку од докторот, особено од пулмологот. Како што веќе ви е познато овој период можеби не чекаме ред за чиста вода, меѓутоа со сигурност чекаме ред за чист воздух. Од лошиот квалитет на воздухот засегнати се сите, од најмлади до најстари, а оваа статија ќе ја посветиме на најмладите.

Разни истражувања покажале дека децата кои на своето мени имаат доволно овошје и овошни напитоци покажуваат подобри резултати на тестовите кои ја мерат работата на белите дробови. Особено ефикасни се соковите од јаболко и цитрон.

„Светот” на антиоксидантите е голем, а се смета дека витаминот Ц има главна улога. Витамините А и Е исто така имаат важна улога во правилното функционирање на белите дробови, особено кај децата со астма.

Белодробната функција се зголемува за време на тин годините кога развојот на белите дробови е во подем. Овој развој кај девојките го достигнува својот „врв” во доцните тинејџерски години, а кај момчињата во раните 20-ти години.

Научниците веруваат дека недоволно развиените бели дробови во тинејџерството можат да придонесат до појава на проблеми со дишењето подоцна во животот како што е хроничната обструктивна белодробна болест.

Како да ги избегнете негативните ефекти од смогот?

– Во денови кога нивото на смог е високо:
• Прилагодете го времето и местото за играње (децата треба да останат во затворено, особено од 14 до 19 часот кога нивото на загадување е најголемо)
• Внимавајте на осетливоста на детето на смог. Некои деца се осетливи и на ниско ниво на смог.
• Доколку детето има астма придржувајте се до третманот кој е препишан од докторот. Детето треба да има лесен пристап до потребните лекарства.
• Внимавајте на знаците на отежнато дишење.

Зошто децата се почувствителни на смогот за разлика од возрасните?

• Во однос на нивната големина, децата внесуваат повеќе воздух (а со тоа и смог) во споредба со возрасните.
• Белите дробови на децата се во развој. Белодробните патишта имаат поголема тенденција да се стеснат како резултат на разни загадувачи во воздухот.
• Децата голем дел од активностите ги поминуваат на отворено.
• Дишењето на децата е побрзо и подлабоко додека се активни. Ова овозможува загадувањето да навлезе подлабоко до најсензитивните делови од белите дробови.