Наслов

Како да ги мотивирате децата за спорт

Како родители на деца спортисти сигурно се справувате со правењето компромис меѓу допустливото и недопустливото, а притоа се прашувате кој е најдобриот пристап за мотивација на децата во спортот.

Како што растат, тие сè повеќе се борат за својата независност и одржувањето на добрите односи во такви околности станува сè потешка задача. 

Затоа ви презентираме неколку совети од Џенис Мередит, која 29 години е сопруга на спортски тренер и 20 години е родител на деца спортисти.

Сите родители сакаат децата да им успеат, но понекогаш без да сакаат премногу ги притискаат што на крајот може да испадне контра-продуктивно. 

Оваа состојба може да се забележи кај многу млади спортисти. Како стареат децата, тие сè повеќе добиваат сила да го одбиваат притисокот од родителите.

Има неколку начини да го мотивирате детето без да бидете напорни. Потребна е малку повеќе воздржаност и малку повеќе работа, но сето тоа ќе ви помогне да одржите подобар однос со вашето дете спортист. 

Поставете го правото прашање по тренингот или по натпреварите. Само едно прашање, а не повеќе прашања. На пример, ”Како помина тренингот?” или ”Како се чувствуваш по денешниот натпревар?”.

Едно прашање покажува дека се интересирате и дека им давате шанса да кажат онолку колку што тие мислат дека треба. Тоа значи дека се грижите и сакате да знаете како напредуваат и како се чувствуваат. Премногу прашања може само да ги напнат и да се почувствуваат како да ги притискате за нешто.

Понудете им можности за надоградба вон тренинзите. Понудете им, но не ги присилувајте. Како на пример, ”Ќе те однесам до фитнес центарот ако сакаш да повежбаш”.

Доколку нивниот одговор е НЕ, тогаш оставете ги идеите за некое посоодветно време кога и тие ќе пројават желба за надоградба.

Бидете со нив на што повеќе натпревари. Разбирливо е дека нема да можете да стигнете на сите, но што повеќе сте присутни, толку повеќе ќе можете да комуницирате за вашата поддршка. Вашата присутност може да го натера детето да работи понапорно и да игра најдобро што може. 

Пофалете ги понекогаш за напорната работа. Вие можеби ќе бидете пресреќни што вашето дете самото се мотивира и работи напорно, но ќе морате да останете смирени, особено кога се работи за адолесценти. 

Ако претерате со пофалбите, тие може да се почувствуваат посрамено или вознемирено, или пак ако се во оние години на контрирање тоа да го доживеат како да ве задоволуваат премногу и да прекинат да работат напорно како и предходно.

Едноставно со ”Еј, супер изигра вечерва!” или ”Навистина ми се допадна како агресивно играше попладнево!” или ”Дефинитивно гледам дека си работел/а напорно на тренинзите!” ќе му дадете до знаење на вашето дете дека го поддржувате и се интересирате без да звучите како вашата љубов и одобрување да е врзана со неговата изведба.

Оставете го да ужива во добрите натпревари, постигнати поени и победи. Укажете на фактот дека работел напорно и затоа му се исплатело. Кога децата гледаат дека напорната работа се исплати, тие самите стануваат помотивирани да се надоградуваат со многу мала помош од ваша страна. 

Не постои специфична година кога детето самото започнува да се мотивира и да се надоградува. Тоа време варира кај секој спортист. Постојат деца на 10 години со неверојатна мотивација и деца кои дури во средно школо конечно го достигнуваат врвот на својот мотив.

22 Април 2013

За авторот