Интервју со младиот триатлонец Давид Мијалов

Младоста и успехот на тринаесетгодишниот триатлонец Давид Мијалов се за почит, особено неговата упорност и вложување во целиот тренажен процес. Затоа решивме да направиме интервју со него, за да доловиме одблиску како е да си млад триатлонец.

K4T – Раскажи ни за твоите почетоци, дали се сеќаваш на првиот тренинг и како почна да навлегуваш во овој спорт?

ДАВИД – Приказната за триатлонот почна некако спонтано и тоа во летото 2012. Тогаш во Радовиш постоеше Триатлон клубот – ЕЛАН, кој што тренизите по пливање ги одржуваше на градскиот базен, а после пливањето или се трчаше или се возеше велосипед, па јас како љубопитно дете сакав да пробам. Родителите ме подржаа, но со резерва бидејќи спортот им беше некако многу напорен. Така, како одминуваше летото јас заминав на првата триатлон трка која се одржа во Маврово. Успешно ја заршив и сè започна од таму.

К4Т – Што те привлече кон триатлонот за да останеш и да му се посветиш?
ДАВИД – Јас иако сеуште сум мал, отсекогаш сум важел за дете на кое предизвиците му биле интересни (барем така ми зборуваат родителите).

Моите родители, особено мојот татко, по завршената трка во Маврово увиде дека сум упорен во спортот па започна да бара сериозни тренери, да ме подржува во тренинзите, да организира лекарски прегледи и сè што беше потребно за едно дете да се бави со спорт кој што не е секојдневен.

Како што одминуваше времето татко ми формира друг триатлон клуб АНА-ДА каде јас членувам, сè со цел да ми го овозможи она што тој тогаш сметал дека ми е потребно.
Така започна грижата за мене со тренери. Посветеноста и пристапот на локалните тренери ме поттикнуваа сè повеќе да тренирам, а тоа и го правев.

К4Т – Каде досега имаш настапувано и како си задоволен од резултатите? 

ДАВИД – Досега сум настапувал на многу домашни и меѓународни натпревари, каде 3 години по ред сум асполутен ДРЖАВЕН ШАМПИОН НА МАКЕДОНИЈА, учесник на Challenge во Рот Германија, Акватлон Белград Р. Србија каде 2 години сум победник, 1-во место во Русе Р. Бугарија, 2-ро место во Пловдив , 11-то место на Балканското првенство во Олимп Р. Романија, Балканско во Загреб 16-то место и некои други. Секако најважно и најдраго ми е освоеното 1-во место во Бургас на Европскиот куп за Кадети во 2016 година.

К4Т – Опиши ни на кратко како е исполнет твојот ден и како го балансираш времето со училишните обврски?
ДАВИД – Еден мој ден е навистина многу сложен со самото тоа што тренирам 5-7 часа на ден, а и дека веќе сум ученик во 8-мо одделение во КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ Радовиш, но сè си има своја цена.

Кога сум наутро на училиште станувам околу 05:40 часот со чаша вода задолжително, се спремам за тренинг (татко ми ме придружува) претежно трчам до околу 06:45 часот, се враќаме дома и се спремам за на училиште од 07:30 часот.
По завршување на училиштето околу 13:30 часот, ручам, потоа учам и околу 16:50 часот откако татко ми ќе се врати од работа веднаш заминуваме на пливање во хотел Сириус Струмица, бидејќи преку зимата во Радовиш немаме затворен базен.

Понекогаш возам велосипед до таму, а понекогаш возам до Штип, па од таму веднаш до Струмица… зависи кој ден како… во лето секогаш е различно зависно од распоредот на натпреварите.

К4Т – Колку внимаваш на исхраната и дали имаш посебен нутрициски режим?
ДАВИД – Квалитетната исхраната во моето секојдневие е засолжителна и под контрола. Видот, но и количината на храна. Режимот на исхрана страшно многу го почитувам и секако тоа допринесува за зголемување на издржливоста, мојот развој но и формирањето на мојот физички изглед и предиспозиции за бавење со овој доста предизвикувачки и многу интересен спорт.

К4Т – Кој најмногу ти помага во тренинзите? 

ДАВИД – Во моите тренинзи најмногу ми помага мојот татко кој на секој, ама баш на секој тренинг е присутен како секундант, додека имам личен тренер од Р. Бугарија познатиот г-дин ЕМИЛ СТОЈНЕВ, со кого секојдневно работам само по неговата програма, а секако и голем дел од тренинзите ги поминувам во Р. Бугарија.

К4Т – Како би ги мотивирал своите врсници? Каква порака би им упатил?
ДАВИД – Како мотивација на моите врсници би им кажал:
Пронајдете го спортот кој ќе ве предизвика самите себе, бидете истрајни бидете мотивирани секогаш за уште повеќе и не заборавајте…
ДО ВРВЕН РЕЗУЛТАТ СЕ ДОАЃА СО СЕКОЈДНЕВЕН И ДОЛГОГОДИШЕН ТРЕНИНГ!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија