Фрли – Фати со пиколините

Подобрете ја координацијата рака – око и способноста за фрлање – фаќање топка кај вашето малечко.

Кога вашето мало веќе ќе го усоврши одењето и трчањето, тоа е подготвено да ги развива останатите моторички способности што вклучува фрлање и фаќање топка. Запомнете дека оваа способност се развива подолго време бидејќи е тотален новитет за моториката кај вашето дете но, е од голема важност. Доколку на почетокот неуспешно ја изведува оваа активност не обесхрабрувајте се. Истражувањата велат дека помалку од третина деца на возраст од 2 – 5 години се ефективни во фрлање и фаќање.

Коошшш!!!

Вашето бебе фрлало најразлични предмети, а понекогаш и храна уште кога седело во столчето за јадење и тоа на неколку месечна возраст. Е сега е време да се усоврши. Бебенцата и дечињата на возраст од 2 – 4 години фрлаат предмети нанапред меѓутоа немаат јасна цел или добар дострел. Доколку на вашето малецко му поставите мета тогаш тоа ќе почне да ги контролира своите движења.

Почнете со голема корпа за алишта и неколку пара смотани чорапи, со кои треба да даде кош. Доколку сте надвор можете да користите хула хоп или пак да нацртате круг со креда во кој што малото ќе дофрла топка.

 


Гради – Сруши

Пиколините на возраст од 2 – 4 години обожуваат да градат нешто и потоа да го срушат. Искористете ја таа нивна желба за да ја усовршите нивната моторика при фрлање. Зачувајте разни празни кутии од храна, корнфлекс на пример, пополнете ги со стара хартија и залепете ги рабовите. Изградете заедно кула, a потоа дајте му мека топка и дозволете му да ја фрли кон кулата со цел да сруши што е можно повеќе блокови. Повторете ја активноста.

Фаќаааај!

Фаќањето е предизвикувачка способност за развивање кај малецките, па затоа е потребно и доста вежбање за да ја совладаат. При процесот на совладување на моторичката способност фаќање потребно е вашето мало да користи соодветна опрема: балони, замотани чорапи, лесни топчиња и сл. На почетокот детето може и ќе се плаши од топката и ќе ја избегнува топката или предметот што треба да го фати. Но, постепено ќе напредува при што на почетокот може ќе го користи целото тело, па потоа цели раце и на крај ќе ги употребува само дланките. Балоните се добра опција за најмалите бидејќи се лесни и полека се движат во воздухот.

Не заборавајте: трпение …. и забавувајте се!