Фокус, фокус, фокус… кај си?

Концентрацијата е вештина што кај децата треба да се потикнува и вежба бидејќи често пати им недостасува. Недостатокот на концентрација претставува грижа за многу родители од причина што нивното дете не може да се фокусира за време на часот или пак не може да издржи да седи мирно во столчето. 

Првичната реакција кон недостаток на концентрација е фрустрација кај обете страни, родителот и детето, како и потрага по медицинско решение. Пред да се одлучите за било каков третман по медицински пат, обидете се на мошне едноставен начин да работите на подобрување на концентрацијата и тоа преку нешто што најдобро функционира кај децата, а тоа е игра и забава. Таму ќе добиете feedback.

Меморија (Memory):

Традиционалната игра ”Mеморија” е добар пример, но постојат и голем број други игри каде што е потребно да се активира вниманието.

На пример, имате шпил карти по дома, искористете ги. Извлечете 5 карти кои вашето дете треба да ги запомни и повторно измешајте ги во купот. Потоа нека вашето дете ги препознае извлечените 5 карти.

Ако оваа активност не претставува предизвик тогаш побарајте да ги стави картите по некој одреден редослед.

Скриени предмети: ”Топло – Ладно” , ”Погоди каде е предметот”, и сл.

Игри со зборови: Овие игри не само што го зголемуваат вниманието кај децата туку и го збогатуваат нивниот вокабулар. Не ви се потребни никакви материјали бидејќи играта е вербална. На пример, кажете некој збор и вашето дете нека пронајде рима. Или пак одберете категорија на зборови, животни на пример и еден од вас кажува збор (животно) следниот треба да каже животно кое почнува со последната буква од вашето (слон – носорог итн.)

Игри базирани на приказна: Оваа игра бара вашето дете да обрне внимание на деталите во приказната бидејќи за време или по читањето може да следат прашања. Но направете ги прашањата на забавен начин, нешто во форма на квиз. Друга игра би била ”Продолжи ја приказната”… и сл.

Сложувалки: Одлична вежба за мозокот.

Тие бараат и внимание и трпение, а се забавни. Сложувалките треба да се внимателно одбрани односно соодветни на нивото на интерес и возраст кај детето, инаку би предизвикале обратен ефект.

Рубикова коцка: Одлична за гимнастика на мозочето, тренирање трпение и фокус.

Sudoku: Интересна, заразна и за малите и повозрасните деца, а одлична за тренинг на концентрацијата.