Aктивната бременост за подобрена бебешка мозочна активност

Редовните телесни активности од барем дваесетина минути, три пати неделно се поврзани со подобра мозочна активност на вашето бебе – вели Дејв Елемберг професор на Универзитетот во Монтреал.

Канадските научници од универзитетот во Монтреал го презентираа својот најнов труд на 10 ноември 2013 на конференцијата Society for Neuroscience 2013 во Сан Диего.

Истражувањето е направено врз трудници кои биле во редовен тренажен процес и на друга група која била неактивна во текот на бременост за да на крајот ја споредат мозочната активност на новороденчињата со помош на електроенцефалографија (EEG).

Помеѓу осмиот и дванаесетиот ден по раѓањето е мерена мозочната активност кај бебињата и се забележани многу подобри резултати кај оние бебиња чии мајки ја спровеле програмата со вежбање 3 пати во текот на неделата 20-30 минути со лесен и среден интензитет.

Ова е уште еден аргумент за редовни и одмерени телесни активности, покрај предноста во породувањето и побрзо враќање до саканата телесна фигура. А квалитетниот и здрав интраутерин живот дефинитивно е важен за покасниот развој на вашето потомство.

Редовното вежбање, се разбира, скогаш во согласност со вашиот гинеколог-акушер покрај ова ќе биде и одлична превентивна мерка за болките во грбот, гестацискиот дијабет и лек за добар сон.