Млади тениски таленти

Наслов

Ексклузивно интервју со сестрите Маринковиќ

Ретко, но не и невозможно. Македонија има шанса да понуди замена за сестрите Вилијамс, плус дополнително засилување! Тимот на karas4training.com со големо задоволство ви ги претставува трите убави и шармантни сестрички, Мина, Катарина и Нина, кои љубовта кон тенисот и талентот го наследиле од својот татко кој воедно е и нивни тренер. Секако, за да се успее потребни се многу повеќе жртви и напорен тренинг покрај основните предуслови, но тоа е само дополнителен предизвик за оваа несекојдневна тениско-сестринска тројка. 

К4Т - Како дојде до тоа дури трите сестри да се вклучите во светот на тенисот, а притоа и да редите успеси?

Мина, Катарина, Нина - Нашиот татко е тениски тренер. Работи во тенискиот клуб Југ во парк. Уште како мали, секој ден мајка ни не носеше на прошетки во парк а воедно и во тенискиот клуб, па така уште од најрана воздраст многу време поминувавме покрај тениските терени. А големиот број на успеси се последица од вложениот труд и работа, многу тренинзи и жртвување. 

К4Т - На колку години започнавте да тренирате тенис?
Мина - Јас започнав да тренирам уште од најрана возраст - на 4 години.
Катарина - Додека јас започнав да тренирам на 6 години.
Нина - Исто како и мојата најголема сестра Мина, и јас започнав да тренирам тенис уште од 4 годишна возраст.

К4Т - Дали вашите блиски ве поддржуваат во тоа што сите три сте одбрале да тренирате тенис?
Мина, Катарина, Нина - Секако дека да. Дел од нашите успеси се и нивна заслуга. Тие секогаш се со нас на турнирите, а особено нашите родители кои даваат се од себе за да успееме во тоа што го правиме.

К4Т - На колку турнири сте учествувале досега?
Мина - Тешко е да се избројат. Мој прв турнир беше уште кога имав 6 години, а првиот освоен турнир веќе на 8 годишна возраст.
Катарина - Со години одам на турнири и бројката е многу голема, така што не можам да кажам колку точно.
Нина - Со моите 6 години, досега сум учествувала на околу 8-9 турнири.

Катарина

К4Т - Кои достигнувања би ги издвоиле како најважни досега?
Мина - Секако тоа би било освоеното државно првенство на Македонија до 16 години, настапот за репрезентација на Македонија на Европските шампионати во Чешка(2011) и Москва(2012) и исто така успесите на турнирите на европско ниво.
Катарина - Би можела да ги издвојам претставувањето на Македонската репрезентацција за време на Европското првенство во Чешка(Плзен-2012) и освоеното државно првенство до 12 години.

Мина на државното првенство

К4Т - При толку изиграни турнири, ви оставил ли некој меч посебен впечаток и зошто?
Мина - Секој меч е специфицен на свој начин, но сепак би го споменала финалето на државното првенство и уште неколку интересни мечеви на европските турнири.
Катарина - Тешко е да се издвои, бидејќи на секој меч му давам подеднакво значење без разлика со кого играм. Сепак, посебен впечаток ми остави финалето на Државното првенство кое го освоив бидејки тој турнир е еден од најзачајните турнири како за Македонија така и за другите земји.
Нина -  Мене посебен впечаток ми остави мечот со мојата најдобра другарка Оја.

К4Т - Како се подготвувате пред натпревари? Вклучувате ли меѓусебни тренинзи?
Мина, Катарина - Со континуирани тренинзи. Недела или две пред некој турнир го зголемуваме бројот на дневните тренинзи, а ден или два пред турнирот интензитетот на тренингот го намалуваме за да останеме физички спремни за мечевите. Пред секој меч имаме лесен тренинг (загревање), а потоа психички се релаксираме и се фокусираме (концентрираме) на самиот меч. 
Нина - Играме брканица со децата, а понекогаш играме и некои игри со рекети и топче. 

Нина

К4Т - Сте играле ли некогаш важен меч една против друга или заедно во двојки (doubles)? И какво е чувството?
Мина - Да, многу пати имаме играно една против друга или заедно во двојки (doubles). На почетокот кога игравме една против друга беше атракција и на сите тоа им беше многу интересно, но со текот на времето се навикнавме.
Катарина - Нормално е нашиот однос на теренот да не е сестрински, туку повеќе  противнички, а кога играме заедно во двојки секогаш добро се согласуваме. 

Катарина

К4Т - За кој клуб тренирате и кој ви е тренер?
Мина, Катарина - Тренираме за тенискиот клуб Југ во Скопје, тренер ни е нашиот татко Дејан Маринковиќ, а исто така имаме и кондиционен тренер Борис Данески. 
Нина - И јас како моите две сестри тренирам за тенискиот клуб Југ, а мојот тренер е Влатче (Влатко Андонов). 

К4Т - Колку пати дневно/неделно тренирате? Какви типови на тренинзи работите?
Мина - Најмалку два часа дневно. За време на школската година, секој ден имам по два часа тениски тренинг, а секој втор ден и кондиционен. За време на распустот имам по 3 ипол до 4 часа тренинг, плус кондиционен.
Катарина - Тренирам еднаш или двапати дневно во зависност од сезоната. Тоа би било вкупно околу 10 тренинзи неделно (заедно со кондиционите).
Нина -  Имам тренинг три пати неделно.

Мина во акција

К4Т - Имате ли време и желба за други спортови и/или активности освен тенисот?
Мина - Порано одев на многу други активности како манекенство, глума, музичко, балет, англиски и ритам плус, но како растев и се повеќе му се посветував на тенисот имав се помалку и помалку време и морав постепено да се откажувам од тие активности. Денес одам само на англиски.
Катарина - Посетувам часови по француски и англиски јазик, посетував часови по танцување, а од школските активности учестувам на натпревари по одбојка и свирам мандолина.
Нина - Посетувам часови по англиски јазик. 

К4Т - Со кој удар постигнувате најмногу поени?
Мина - Со форхенд.
Катарина - Секој удар е подеднакво важен во тенисот, но мислам дека тоа е форхендот.
Нина -  Со бехенд и со форхенд... Исто ми е!

Катарина во акција

К4Т - Кои се вашите тениски идоли?
Мина, Катарина - Новак Џоковиќ и Ана Ивановиќ.
Нина -  Навивам за Новак. 

К4Т - Кои важни турнири ве очекуваат?
Мина - Досега го следев Аустралиан Опен на ТВ и се радувам што победи Џоковиќ. Шала. Ме очекуваат европските турнири кои започнуваат од Февруари.
Катарина - Следен поважен турнир кој ме очекува е Источното Европско првенство во Анталија. 

Мина на државното првенство

К4Т - Би сакале ли трите професионално да се занимавате со тенис?
Мина - Па да, сигурно ќе се испробам на професионалните турнири, но за да се успее треба многу многу работа, жртвување и финансиски средства. 
Катарина - Доколку ми се укаже шанса, секако дека би сакала.
Нина - Дааа, сакам да бидам број еден! :D

28 Јануари 2013

За авторот