Наслов

Дигни, подигни... стани посилен

Еден голем знак прашалник долго време се провлекува помеѓу родителите кога станува збор за вежбите за сила (вежби со надворешен отпор) кај децата од училишна возраст и многу често се слуша реченицата „Немој да дигаш тегови, уште си мал, тоа не е за деца".

Доколку вашето дете се занимава со некој спорт, покаже афинитети и сака да биде успешно во иститот, покрај совладување на специфичните техники неминовно е подобрување и развој на силата, снагата и брзината. А кога станува збор за развој на овие способности силовиот тренинг, во кој спаѓа и тренингот со надворешни тежини (тегови), е неизбежен.

Мислењето на некои стручни лица е дека силовиот тренинг (тренингот со тежини) може да предизвика оштетување на чашките што се наоѓаат на краевите на долгите коски. Секако, ова може да се случи само како резултат од користење на големи тежини и изведување на вежбите со неправилна техника. Па според тоа може да се каже дека „паметниот" тренинг (користење на тежини кои одговараат на возраста на детето и нивото на неговата сила и мобилност) е апсолутно прифатлив.

Изложувањето на децата на разни спортови, физички активности и игри е најдобриот пристап кон децата од 8-9 годишна возраст. Со децата од средношколска возраст веќе е време да се отпочне со структуриран силов тренинг во кој што можат да се вметнат и вежби со надворешен отпор.

Кога станува збор за силовиот тренинг, тренерите најчесто даваат акцент на некои основни и најприменувани вежби како што е потисокот на рамна клупа (bench press), притоа неконктролирано зголемувајќи ја тежината. Кога сето ова ќе го соберете добивате рецепт за појава на повреди. Затоа некои стручни лица од областа на спортот сметаат дека детето најпрво треба да ги совлада основните вежби со сопствена тежина пред да започне со вежби со надворешен отпор.

Ова се некои правила кои би требало да ги запазите пред да започнете со примена на тренинг со тежини:

• Потрудете се детето да ги совлада најпрво вежбите со сопствена тежина (склек, чучнување);
• Дадете акцент на движења кои активираат поголем број на мускулни групи и зглобови;
• Избегнувајте ги еднозглобните движења;
• Избегнувајте ги машините (шут машина, преса, пек дек);
• Внимавајте на тежините, користете тежини кои ќе му овозможат на детето да изведе 12-15 повторувања и избегнувајте вежби до откажување.

16 Декември 2013

За авторот