Депресија кај деца

Иако депресијата не е болест која ја поврзуваме со деца, сепак не треба да го занемаруваме фактот дека е чест проблем токму кај децата – вели Др.Robert L.Hendren, поранешен претседател на Американската Академија за Детска и Адолесцентска Психијатрија (AACAP). Според оваа академија, едно од 20 деца е депресивно или просечно едно дете од секоја училница.

Мојата 11 годишна ќерка седи тивко во ќошот на собата и ја гали нашата мачка додека нејзините другарчиња-врсници си играат во базенот.

Зошто и она не си игра со нив?
-Бидејќи страда од клиничка депресија, а денес не е еден од нејзините подобри денови.

Првпат ги забележав нејзините симптоми кога таа имаше 6 години. Се приврзуваше за мене повеќе од вообичаеното, плачеше за најситни проблеми и на најмали провокации, го губеше апетитот и имаше кошмари. Делуваше постојано анксиозно.

По неколку недели, ситуацијата изгледаше дека се реши самата од себе.
Но, знаејќи како е да се биде во депресија (и самата сум била неколку пати), останав да внимавам на нови знаци.

Симптомите се појавија повторно после 2 години, по крајот на една долга зима.
Ќерка ми ми кажуваше дека сите на училиште ја закачале (иако ова не изгледаше дека е вистина), и дека посакува никогаш да не се родила.

Последниот нејзин коментар (кој зачести да го употребува) посебно ме исплаши, но сепак се решив да почекам неколку недели да видам дали е само фаза која ќе и помине.

Не помина. Нејзиното расположение само се влошуваше а исто така почна да добива и лоши оцени во училиште. Можев да видам дека навистина страда во себе.
Сакав да ја гушнам и да и кажам дека сè ќе биде во ред. Сакав како вакум да ги повлечам од неа сите овие емоции кои она ги чувствуваше и сè повеќе ја фрлаа во очај.

Закажав преглед кај нашиот педијатар. Во очите на мојата ќерка се гледаше дека сака некој да и помогне. Иако воопшто не бев изненадена од дијагнозата на лекарот, ме зачуди тоа како бев преплавена од чувството на беспомошност кога тој ги изговори зборовите: „Вашата ќерка страда од депресија”. Во тој момент сфатив дека таа се бори против нешто кое всушност е многу поголемо од неа.

Оттогаш, научив многу за детската депресија-вклучувајќи го и фактот дека овој проблем е многу почест отколку што претходно сум мислела.

Депресијата е болест која бара внимателен третман и темелна евалуација. Добрата вест е дека може да се помогне кај навистина голем број на деца и адолесценти.

1. МНОГУ Е ПОЧЕСТА ОТКОЛКУ ШТО МИСЛИТЕ
Иако депресијата не е болест која ја поврзуваме со деца, сепак не треба да го занемаруваме фактот дека е чест проблем токму кај децата-вели Др.Robert L.Hendren, поранешен претседател на Американската Академија за Детска и Адолесцентска Психијатрија (AACAP). Според оваа академија, едно од 20 деца е депресивно или просечно едно дете од секоја училница.

Треба да препознаеме кога детето е повеќе од незадоволно. Незадоволството или тагата доаѓаат и си одат и најчесто се поврзани со некаков инцидент. Додека депресијата е како темен облак кој лебди над детето и најчесто е со первазивно чувство на меланхолија, иритабилност и отсуство на интерес.

Бидејќи детската депресија не е на радарот на многу родители (ниту на лекари), многу е лесно да не биде забележана.

2. ДЕПРЕСИЈАТА МОЖЕ ДА ПОТЕКНУВА И ОД ФАМИЛИЈАТА
Истражувањата покажуваат дека децата кои имаат еден родител кој страда од депресија имаат околу 25% шанса и самите да бидат депресивни. Доколку и двата родитела се во депресивен стадиум, тогаш шансите се зголемуваат на вртоглави 75%.

Иако сеуште не постои научно објаснување зошто е ова вака, некои теории сугерираат дека тие деца имаат “генетичка ранливост и склоност” кон депресија која се храни од стресната средина во која живеат.

Сепак, нашите гени не се и наша судбина, па дури и да постои депресија во семејството, не значи дека е неизбежно и детето да биде депресивно.

3. ДЕПРЕСИЈАТА НАЈЧЕСТО Е МАСКИРАНА СО ДРУГИ ПРОБЛЕМИ
Околу 40% од децата и адолесцентите со депресија страдаат и од невротични растројства како што е опсесивно-компулсивното растројство (OCD), а околу едно од четири деца со депресија страдаат од дефицит на внимание и хиперактивност (ADHD).

Чести се и проблемите поврзани со учењето. Експертите не се сигурни како овие проблеми се поврзани едни со други, но знаат кога постојат коегзистентни услови.
Тешко е да се издвои еден проблем и да се третира одделно бидејќи често тие се преплетуваат.

Затоа, нивниот совет е секое дете кое страда од депресија треба да биде тестирано и евалуирано и за други растројства.

4. ИРИТАБИЛНОСТА (РАЗДРАЗЛИВОСТА) Е ЕДЕН ОД ГЛАВНИТЕ ЗНАЦИ

Најголемата разлика во симптомите на депресија помеѓу децата и возрасните е тоа што возрасните се најчесто тажни и повлечени, додека децата можат да бидат лесно испровоцирани, што кај нив се манифестира со ирационални изливи на огорченост. Децата скоро никогаш не умеат да препознаат дека се депресивни. Они не можат да ја идентификуваат својата состојба и да ја преточат во зборови.

5. РАНАТА ДИЈАГНОЗА И ТРЕТМАН СЕ КЛУЧНИ
Студии кои вклучуваат снимање на мозокот со магнетна резонанца покажале дека продолжената нетретирана депресија кај децата го менува обликот на мозокот.

Го намалува хипокампусот-дел од мозокот кој е задолжен за регулација на емоциите.
Затоа, не е воопшто изненадувачки тоа што депресијата може да доведе до проблеми во училиште, злоупотреба на супстанции и во некои случаи дури и до самоповредување и суицидалност.

Главната препорака на сите психолози и психијатри е доколку се сомневате дека вашето дете страда од депресија веднаш да побарате стручна медицинска помош.

6. ТРЕТМАНОТ НА ДЕТСТКАТА ДЕПРЕСИЈА Е МНОГУ ПОКОМПЛЕКСЕН ОТКОЛКУ ТРЕТМАНОТ НА ДЕПРЕСИЈА КАЈ ВОЗРАСНИТЕ
Стручните лица ги користат истите алатки за третман на депресија кај двете возрасни групи т.е од промена на стилот на живот (повеќе вежбање, начин на исхрана, хобија и интереси…) па се до когнитивно-бихевиорална психотерапија која се фокусира на развивање реалистични и практични начини за справување со депресивните мисли и реакции.

Истражувањата покажуваат дека многу деца и адолесценти кои страдаат од депресија имаат позитивен резултат на психотераписки третман.