Наслов

Читањето книги навика или задоволство?!

Книгата од секогаш била извор на знаење. Знаењето ги зајакнува индивидуалните квалитети кои влијаат на општествената важност. Книгата дава информации за минатото, сегашноста, ја креаира иднината ја обогатува реалноста и ја поттикнува имагинацијата.

Читањето книги отвара врати на можности, проширува рамки на поглед кон светот!

Некои читаат книги кои носат важни научни податоци за одредена област со цел да го зголемат своето знаење, некои за да прошират својата реалност споредувајќи се со описот на ликовите во книгите а некои да ја модификуваат фикцијата.
Книгите даваат примери, раѓаат идеи,создаваат комуникација, поттикнуваат емоции. Стануваат дел од нас, ние се претопуваме во нив.

Со овие волшебни страници доаѓаме во контакт од рана возраст кога започнуваме да ги препознаваме симболите-буквите. Најчесто во тој период почнуваме да читаме книги кои ни ги даваат на училиште или нашите родители. Во тој период читањето книги сеуште не претставува иднивидуална потреба бидејќи за тоа е потребно градење на внатрешната мотивација.

Затоа периодот од 6 до 10 години е многу важен за формирање на односот кон книгата. Секако во овој процес важна улога имаат родителите и наставниците.
Најпрвин треба да се стекне навика и дисциплина кон читањето. Континуирано да се посветува време за читање дома од 20 минути за кое поддршката од родителите е многу есенцијална.

Литературата пред се треба да е соодветна на возраста. Книгата да се чува на видно место каде ќе биде визуелно достапна. На почеток може родителите да почнат да читаат со цел да ги поттикнат слушачките способности и интересот на дечињата. Исто често применуван метод е гласно читање и кратко прераскажување со цел да се види дали детето го разбира прочитаното или можеби има неразбирливи зборчиња кои треба а се разјаснат со соодветното значење.

Понатаму во изборот на книги треба да се нудат и разни жанрови со цел детето постепено да создаде своја индивидуална преференца која е многу важна за создавање на внатрешна мотивација кон читањето.

Внатрешната мотивација почнува која детето самостојно ќе земе да чита книги по свој избор надвор од литературата која е задолжителна на училиште. Тоа е првиот индикатор за пројавен интерес кон читањето бидејќи истото веќе претставува задоволство, а не обврска.

Кога книгата станува средство за задоволство ја исполнила својата основна задача. Понатаму интересот кон читањето може само да се модификува во сооднос на индивидуалните потреби.

Секако да се напомене дека читањето книги го зајакнува и вербалното изразување чија флуентност е поврзана и со мислите. Целиот процес влијае на комуникацијата со другите луѓе и социјализацијат.

Некој кажал дека книгите нè бираат нас, бидејќи секогаш имаат одговори на наши моментални прашања и ни се патоказ кон нови хоризонти.


Mарија Милошеска,
Детската Академија „Браинобраин Европа" - Скопје

06 Април 2015

За авторот