5 забавни пози за запознавање со јогата

Штом детето започне барем малку да соработува и има желба да ви ги копира движењата, може да започнете со практикување на неколку едноставни јога пози што ќе ви бидат од корист обострано. Со нивна редовна практика, децата од мали нозе ќе научат како да постигнат баланс помеѓу телото и умот на еден забавен и суптилен начин.

Кога се работи со деца, тешко е да се одреди бројот на повторувања. Затоа, пробајте да направите барем 3 повторувања од секоја вежба. Ако видите дека на децата им станува здодевно, намалете го бројот на повторувањата.

Придобивките од јогата се многубројни. Но децата веќе од 2 годишна возраст започнуваат да ја губат флексибилноста доколку таа не се стимулира, па затоа не чекајте предолго. Важно е на децата да им биде забавно, лесно, а сепак предизвикувачки за да продожат понатаму. Не грижете се ако на почетокот не ги прават правилно или до крај позите, бидејќи со тек на време ќе се подобруваат и усовршуваат.

Пред да започнете треба малку да повежбате на дишењето. Дијафрагмалното дишење или дишењето на стомак е основа за правилно изведување на позите и воедно за ослободување од напнатост и стрес. Легнете си на грб и следете го движењето на стомакот. Може да поставите некоја играчка на мешето на вашето дете и да ја посматрате како се движи додека вдишува и издишува на стомак.

Кучешка поза

Кутрињата обожаваат да се истегнуваат на овој начин, а можеби сте забележале како и вашите малечки интуитивно ја прават оваа поза. Затоа, можеби најлесно ќе ви биде да го научите детето да се истегнува како кутре (погледнете ја илустрацијата горе). Финтата е целиот процес да им го направите интересен, како на пример да глумите како се истегнува кучето, дека рацете и нозете на детето му се шепи, а додека се истегнувате имитирајте лаење. Потоа се враќате во детска поза (погледнете ја илустрацијата долу).

Стои како дрво

Самиот збор “yoga” значи соеднинување. Јога практиката ни помага да се соединиме со светот околу нас, со сè во природата. Додека се изведува позата дрво, детето нека си замисли дека сте високи дрвја со длабоки корени што цврсто стојат на земјата додека ги држите нозете споено на земјата. Потоа, едната нога се крева што повисоко потпрена на другата, а рацете се спојуваат кај градите (намасте). И балансирајте…и дишете на стомак… А потоа сменете ја ногата и повторете го истото (погледнете ја илустрацијата). Замислете си дека сте толку цврсти што и најсилен ветар не може да ве собори. Со оваа поза се тренира балансот на телото.

Поза на лавот

Сите знаеме дека лавот е кралот на животните. Па затоа со детето замислувајте си дека сте моќниот лав. Клекнете на колена и спуштете се малку надолу (погледнете ја  илустрацијата). Со рацете опуштени помеѓу нозете, наведнете се благо нанапред, исплазете го јазикот до брадата и рикајте како лавот… РРОООААААРРРРР! Вашето дете ќе се почувствува навистина моќно!

Поза на змија

Замислете си како е да ги плашите останатите само со звукот што го испуштате… како сте убави, а опасни… Легнете на стомак со рацете поставени покрај телото. Рамената нека ви бидат лабави. Потоа поставете ги рацете покрај градите додека лактите ви се припиени до телото. Челото нежно ја допира земјата. Се подигнувате така што ја зафрлате главата малку наназад (погледнете ја илутрацијата)… а тогааааш исплазете го јазикот и испуштете го звукот на змијата! Издишете и вратете се во првобитната положба. А потоа вдишете како што се издигнувате и виткате змиски… Оваа поза ќе ви го направи грбот флексибилен како на змија.

Пеперутка

Замислете си дека сте пеперутки што летаат од цвет на цвет, лесно и нежно. Нека ви текне како се движат крилцата на пеперутката. Така и вие составете ги нозете кај стопалата, а колената нека ви се движат како пеперутка. Показалците нека ви бидат антени на главата додека нежно ги придвижувате колената горе-долу (погледнете ја илустрацијата).

И за крај најинтересното… СЛОБОДНО ТРЕСЕЊЕЕЕ!!! Тресете го целото тело како желатин. Опуштете се максимално и не мислете на тоа како изгледате од страна. Само релаксирано движете го телото како ќе ви дојде и забавувајте се.