Убикинон за подмачкување

Ако нешто е присутно во секоја жива клетка на планетава замислете која е неговата важност!

 

Другото име на коензимот Q10 е убикинон од aнг. ubiquitous (убиквитарен), значи пристуен секаде. И да, секоја митохондрија во организмот е способна за продукција на Q10. Но со текот на времето, а особено нагло по 30тата година започнува да опаѓа создавањето на коензим Q10.

Ако ја разберете неговата улога во организмот, веднаш ќе ви стане јасно каква беља носат опаднатите нивоа. Како прво тој е моќен антиоксиданс кој се врзува со слободните радикали (главните виновници кога станува збор за стареење) и спречува тие со нивната деструктивна активност да доведат до изумирање на клетките.

Според едно истражување убикинонот се поврзува и со намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Имено овој коензим ги намалува нивоата на штетниот LDL холестерол. На тој начин превенира опструкција на крвните садови и атеросклероза.

Во последно време се фаворизираат даровите од природата како лекови против мигрена. Коензимот Q10 се смета како превентива кај луѓе кои патат од мигрена и претставува природен и здрав начин за борба против досадните главоболки.

Овој моќен антиоксиданс можете дополнително да го примите од месото како говедско (особено срцето или црниот дроб), харинга, пилешко, потоа соја, канола масло, кикирики, ф’стаци, брокули, карфиол или како суплементација.