Цинк – ефикасен сојузник на имунитетот

До јак имун систем преку запазување на потребите од цинк…

Цинкот е елемент во организмот кој, иако потребен во мали количини, завршува огромна работа во секојдневните физиолошки процеси. Како катализатор на околу стотина ензимски реакции, метаболни процеси и синтеза на протеини, лесно се заклучува дека цинкот има есенцијално значење на организмот. Се излачува преку урината, а нешто помалку и преку потењето, па фактот дека не се задржува во организмот, говори за тоа дека треба да се внесува секојдневно во оптимални количини.

Бидејќи го помага создавањето на Т лимфоцитите, цинкот зазема важна улога во функцијата на имуниот систем и борбата против настинките и грипот. Цинкот игра улога во продукцијата на тестостерон, а со тоа ја подобрува и сперматогенезата кај мажите. Полесно зараснување на раните и одржување на здрава кожа се постигнува преку нормални количини на цинк во организмот.

Чести настинки, бавно зараснување на рани, проливи, акни и осипи по кожата, алергиски реакции, бавен раст на коса и нокти, намалена фертилност, губење на сетилата за вкус и мирис, се знаци на недостаток на цинк.

Ќе го најдете како составен елемент во најразлични продукти, и од растително и од животинско потекло, но застапен е во мали количини, па неопходно е да внесувате повеќе различни намирници богати до овој минерал или да надокнадите преку суплементација. Највисока количина на цинк содржат остригите, но исто така го има и во млечните производи, легуминозите, јатките, семките од ткиква, говедското месо. Дневни препорачани дози за возрасни се околу 10 мг цинк. Зголемени потреби од цинк имаат трудниците, доилките и спортистите.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија