Поправен си или подуен?

Дали некогаш сте застанале на вага и сте биле во неверување од бројките кои ви ги покажува? Како е можно да сте поправени ако внимавате на исхраната и активно спортувате? Дали навистина и водата ви се “фаќа” или проблемот е во нешто друго?

Водата е најдобриот пијалок за човекот. Не постои диета која не препорачува зголемен внес на течности односно вода. Без неа ниту еден биохемиски процес во нашето тело не би бил возможен. Но сепак во одредени случаи водата може да биде од големо оптеретување за телото, односно тогаш кога таа ќе почне да се задржува во нас. Таквото сценарио може да биде демотивирачко и поразително посебно во случаите кога активно се подготвувате за некој настан.

Покрај најочигледната маана- вишокот килограми, вишокот на течности може да предизвика и низа други проблеми во секојдневното функционирање: задржување отрови, нарушен сон, зголемен крвен притисок, споро опоравување од тренинзи итн.
Причините заради кои нашето тело задржува течности се повеќекратни. Задржувањето може да биде последица на стрес, хормонален дисбаланс или пак лош избор на храна. Ние ќе се задржиме на последново како најчест случај.

Сол

Солта е производот кој исто така е неопходен за човекот, но во многу мали количини. Прекумерниот внес на сол предизвикува лош проток и задржување на течности. За да ја избегнете замката на посолувањето, избегнувајте да додавате дополнителна сол во јадењето и постепено заменете ја со билки и зачини.

Процесирана храна

Ок, веројатно на сите ни е познато колку е штетна. Полна е со вештачки ароми, засладувачи, концентрати, шекери и натриум. Натриумот кој го содржи ваквата храна е во огромни количини. Една од првите работи кои треба да ги направите е да престанете да јадете ваква храна. Наместо лошата навика на купување брза храна, почнете да ја подготвувате самите. Поекономично е и поздраво.

Јаглехидрати

Интегралните житарки се незаменливи во оптималниот начин на исхрана кај многу луѓе. Секогаш кога внесувате јаглехидрати, вашиот црн дроб создава гликоген. Колку сте поисполнети со гликоген, толку вашето тело задржува течности. Експеримтентирајте со житарките и најдете ја дозата која ви одговара односно која нема да ви создава вакви проблеми.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија