Роденденски леден колач

Сè започна кога сакав да направам роденденска торта. Но кога ги разгледував повеќето рецепти, тешко ми падна од тоа колку шеќер, масло, јајца и тесто се користат за да се направат истите. Затоа на крај одлучив да искористам она што имам дома за да направам колач за кој се инспирирав од блогот ”Сурово и вкусно” и кој освен што е полн со здрави калории е многу вкусен и сладоледен! Нема утка!

 
  • (за тесто)
  • 1 чаша непечени бадеми
  • 1 чаша малку потпечени кикирики
  • 1 лажиче агавин сируп
  • 5 урми
  • 2 суви смокви
  • водичка (колку да стане полепливо)
  • (прв слој)
  • 3 банани исецкани на парчиња
  • шака гоџи бобинки
  • 1 лажица чиа семе
  • 1 лажица мак
  • (втор слој)
  • 250г замрзнати/свежи јагоди
  • 1 лажица агавин сируп
  • 1 лажица рогач во прав
  • 50г индиски ореви (непечени)
  • 50г лешници (непечени)
  • вода
 

Подготовка

1. Се блендираат ситно бадемите и кикириките, а потоа се додаваат останатите продукти. Ако не се лепи тестото се попрскува со вода колку да може да се замеси. 

2. Се меси смесата и се распоредува како база во сад за торти (јас користев стаклен правоаголен огноотпорен сад, тоа имав).

3. (прв слој) Бананите (кои предходно треба да ги исецкате на парчиња и да ги ставите во фриз за да станат потврди) ги блендирате заедно со гоџи бобинките, чиата и макот. 

4.  Добиената течна смеса ја истурате во садот како прв слој. Можете да го ставите садот во фриз додека го припремате последниот, втор слој.

5. (втор слој) Предходно потопените индиски ореви и лешници (1 час отприлика, а можете и повеќе), агавин сируп и рогач ги блендирате со малку водичка (колку да ги потопите). 

6. Потоа ги додавате јагодите и блендирате додека не добиете хомогена смеса како крем. 

7. Ја додавате смесата како втор слој. Не се секирајте ако се помеша со бананата. 

8. Колачот го ставате во фриз неколку часа (во зависност од тоа на која температура ви е подесен) и штом се зацврсти спремен е за дегустација и конзумација. 

9. Одозгора го наросувате со мак.