Неколку масни совети за потенка половина

Иако навидум постои извесна доза на иронија во насловот, сепак квалитетните масти може да ви бидат сојузници за намалување на килограмите. 

МАСТИТЕ ВЕ ДРЖАТ СИТИ

Како прво и многу важно е дека кај луѓето на диета импулсивното јадење е многу честа појава. Мастите се долготраен и стабилен извор на енергија и чувството на ситост останува да трае подолго време. Ситоста е всушност круцијален момент кога се обидувате да избегнете ситни ужинки и беспотребни калории без да прегладнувате. Секако дека не зборуваме за масти кои потекнуваат од чизбургер, туку за таканаречени здрави масти. Читајте понатаму…

КОИ СЕ ЗДРАВИ МАСТИ?

Не сите масти се исти. Додека во калориска смисла нема разлика помеѓу различните типови масти, нивното влијание во телото е различно. Едни се предвесник за кардиоваскуларни заболувања, други го штитат срцето. Секогаш преферирајте незаситени масти и омега 3 масни киселини. Овие масти може да ги внесете преку авокадо, ореви и јатки, масна риба, маслиново масло, други ладно цедени масла… Од друга страна држете ги на минимум заситените масти (најчесто во намрници со животинско потекло) и транс мастите. 

УЛОГАТА НА ШЕЌЕРИТЕ И ХОРМОНИТЕ

Ниско јаглехидратните диети, најчесто фаворизираат консумирање на поголеми количини здрави маснотии. Овие диети функционираат така што не внесувате прости шеќери, па телото ги искористува мастите за енергија, дел од исхраната, дел од залихите во масното ткиво што е и целта. Од друга страна масната храна стимулира продукција на адипокини, хормони кои доведуваат до чувство на ситост.

МАСТИТЕ СЕ ЕСЕНЦИЈАЛНИ

Ако целосно ги исфрлите мастите од исхраната, ризикувате постојана прегладнетост, но и загрозување на здравјето. Многу витамини и нутритиенси се апсорбираат преку масти. Многу хормони се зависни токму од присуството на маснотии во телото. Мастите се есенцијални за живот, а може да бидат полезни и за вашиот струк, само потребно е паметно да ги консумирате.

ЗА КРАЈ

Калориската вредност на мастите генерално е висока. Тоа значи дека и здравите масти придодаваат калории (грубо пресметано околку 9 калории по грам), но побрзо ќе ве заситат и ќе ви бидат потребни помалку протеини и јаглехидрати во оброкот додека да се чувствувате сити.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија