Војсководец е виновен за транс мастите

Пронајден по налог на голем војсководец и одржан во живот чисто од финансиски интереси, дознајте нешто повеќе за историјата на маргаринот и транс мастите. 

Сè почнува уште во времето на Наполеон Трети, кој заради нискиот стандард што го донеле војните, побарал од своите најбрилијантни умови да пронајдат ефтин супститутент за путерот. Hippolyte Mège-Mouriez го освоил конкурсот пронаоѓајќи ја acide margarique и така започнала нова ера во исхраната.

Меѓутоа, патот на транс мастите до речиси секој крекер и колаче што се продава на пазарот не бил баш едноставен. Производителите на млечни производи се погрижиле сериозно да го оспорат користењето на маргаринот. Биле наметнати големи даноци, дури и забрана да има жолта боја.

Верувале или не, во еден период маргаринот имал розева боја само за да биде што помалку привлечен за јадење. А долг период после тоа се продавал во комбинација со боја, па домаќинките сами си го мешале и ја добивале толку посакуваната путер жолта нијанса.

Со започнувањето на втората светска војна маргаринот си го нашол своето место на трпезата. Тој бил ефтин и погоден за масовно производство и ваквиот супститут на путерот едноставно се вкоренил во домаќинствата.

Во еден период, кога лекарската фела ги означила заситените масни киселини како главен кривец за појавата на кардиоваскуларни заболувања маргаринот си добил своја додатна промоција бидејќи тој содржи помалку заситени масни киселини.

Но, се уште не биле до крај истражени штетните ефекти на транс мастите врз кардиоваскуларниот систем, за на крај според најновите истражувања токму транс мастите да се поврзат со покачување на ризикот од срцеви заболувања и многу други заболувања и состојби.