Лек на денот од природната аптека – Брусница

Кисело слатки мали црвени плодови со моќно лековито дејство…

Брусницата води потекло од Северна Америка, но откако била донесена на овој континент по колонизацијата, се одгледува и успева и на нашите простори, па затоа е сè почеста на пазарите и на полиците во продавниците. Оваа бобинка изобилува со огромни количини на Ц витамин, манган и диетални влакна. Иако количина се намалува при процесот на сушење и обработка, сепак останува одлична доза на витамини и минерали.

Брусницата можете да ја најдете свежа, сушена (со или без додаток на шеќер), во вид на чај, сок или суплементи. Освен полезноста од витаминот Ц и диеталните влакна, ефектот врз здравјето кај луѓето, кога станува збор за брусницата, во голема мера е диктиран и од полифенолите и органските киселини кои ги содржи. Голем дел од нив се испитувани заради нивните антиоксидациски, антиинфламаторни и антиканцерогени својства.

Долги години се верувало дека брусницата е ефикасна против инфекции на уринарниот тракт поради високиот ацидитет (киселост) што го продуцира во телото, но после повеќе истражувања е потврдено дека една нејзина состојка (проантоцијанидин) всушност го спречува врзувањето на бактериите за ѕидот на мочниот меур.

Овој ефект брусницата го остварува и во дигестивниот систем и во усната празнина, па може да е користи и за контрола на инфекции во овие делови од алиментарниот тракт.

Освен врз уринарниот тракт, дигестивниот систем и оралното здравје, брусницата исто така покажува свој бенефит и врз кардиоваскуларниот систем. Заради силното антиоксидациско својство, намалувањето на оксидацискиот стрес и способноста да го намали „лошиот“ ЛДЛ холестерол, брусницата помага во превенција од атеросклероза.

Бидејќи е еден од ретките плодови кои содржи мерлива количина на оксалати, не се препорачува кај луѓе со историја на оксалатни камења во бубрезите. Брусницата најчесто се наоѓа во сушена форма во продавниците за здрава храна, сепак и овие производи може да содржат поголема количина на шеќер, па затоа читајте декларации ако имате проблем со шеќер или внимавате на линијата.