Скратете го лебот, а не мастите ако планирате да слабеете

Можеби дел од вас веќе го запознале овој факт, но сигурни сме дека има голем број на луѓе кои погрешно пристапуваат кога во прашање е слабеењето. Да бидат работите јасни, еве и една студија.

Истражувањето кое беше направено на факултетот за јавно здравје при Харвард опфати околу 53 студии и 67,000 испитаници кои следеле некаков тип на режим во исхраната (со регулирање на внес на калории од различни продукти) со цел да ослабат. 

Бидејќи уште од претходните декади (1960-70) па наваму, долго време беа окривувани мастите како главни виновници за дебелеењето на луѓето, во очите на најголемиот дел од популацијата се врежа погрешен пристап при обидите за слабеење. Долги години се сметаше дека за намалување на тежината главно треба да се практикува диета која драстично ги намалува мастите целосно заборавајќи на јаглехидратите, особено на шеќерите како висококалорични продукти. 

Истражувањето во кое луѓето биле поделени во групи кои претежно практикувале ниско-маслена или ниско-јаглехидратна диета, после цела година покажале дека и двете групи имале намалување на вишокот на килограми, но оние кои го намалиле внесот на јаглехидрати, како леб, тестенини и слатки во просек имале за 1,2 килограми помалку.

Главниот заклучок од истражувањето е дека рестрикцијата на калории во најголема мера придонесува за намалувањето на телесната тежина и дека ниско-маслената диета не е толку ефикасна како ниско-јаглехидратната. Од друга страна најголем дел од испитаниците изјавиле дека е полесно да се откажат од лебот и слатките отколку од масната храна.

Не заборавајте дека најважниот дел од секоја диета е истрајноста и прифаќањето на здравите навики како дел од секојдневниот живот.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија