Наслов

Што е фрката со терминот „суперхрана“?

Ако сте гуглале малку повеќе во врска со здрава исхрана и нутриција во последно време сигурно сте налетале на терминот супер – храна (superfood). Колку е таа супер, дали воопшто има такво нешто и дали сето тоа е само маркетиншка шминка, следи подолу.

Како дефиниција, суперхрана генерално се смета дека е оној тип на храна која е особено богата со нутрициенси и дава бројни позитивни ефекти врз нашето здравје и благосостојба. Во продолжение, постојат голем број на луѓе кои веруваат дека овие супер производи можат да се борат со разните болести и состојби како канцер, зголемен холестерол итн.

Сепак, теминот суперхрана нема легална дефиниција и воопшто не е употребуван во вокабуларот на професионалните диетичари и нутриционисти, бидејќи тој е маркетиншка измислица кој се употребува за да се даде акцент на некој продукт и неговите составни делови кои често не даваат докажани медицински полезности.

Но, иако не постои медицинска и нутриционистички стандардна дефиниција, треба да се има на ум дека секој од овие типови на храна се супер на свои начин и целосно заслужуваат да бидат на нашето мени.

Од другата страна пак, запаметете дека ниедно парче од доленаведените продукти, самостојно, колку и да се супер, не може да замени една целосна и разноврсна избалансирана диета.

Во глобала, производите тагнати како „суперхрана" се најчесто овошја и зеленчуци, кои имаат малку калории, богати се со диетални влакна, содржат фитохемикалии (природни пигменти) и омега 3, витамини, минерали, а се сиромашни со заситени и транс масти.

Еве една кратка листа, која ако редовно ја комбинирате и консумирате правите арно за вашето здравје, не затоа што е суперхрана туку затоа што е нормален природен дар.

„Суперхрана“ : авокадо, бобинки (сите по список, особено гоџи), зелена и плава алга, прокељ, брокули, какао, чили пиперчиња, мед, окра (бамја), легуминози (грав, грашок), овес, портокали, папаја, тиква, лосос, соја, спанаќ, зелен чај, ореви, бадеми, домати, алое вера, киноа, чиа и многу други.

13 Март 2013

За авторот