Наслов

Палео диета, да или не?

Дали мислите дека би било здраво во 21-ви век да се префрлите на диета која ја практикувале нашите баби и дедовци од палеолитот? Епа првично зависи од начинот на кој моментално се храните и во дадени ситуации може да биде правиот избор на подобра исхрана, а во други сосема спротивно!

Палео диета, исто така позната како „диета на пештерските луѓе" всушност е начин на исхрана кој ја следи шемата на дневната исхрана која ја практикувале нашите предци од дамнешните времиња. Накратко кажано, диетата се состои во јадење на буквално истите работи што ги јаделе пралуѓето.

Тоа значи, исхрана исклучиво со свежо месо, риба, овошје и зеленчук и комплетно избегнување на аграрните производи како житарки, млеко и млечни производи, легуминози, сол, шеќер и сите останати процесуирани производи.

Идејата на диетата е следна: бидејќи состојбите како прекумерна тежина (со сите пропратни елементи), дијабетесот и срцевите заболувања се болести на модерното општество, и горе-долу е докажано дека се предизвикани од прекубројните калории, сол, шеќери итн. ние би требало да се пренасочиме на диетата на пралуѓето која целосно ги исклучува овие хранителни состојки и да станеме поздрави. На прв поглед, објаснувањето држи вода, но!

Иако диетата ги исклучува солта и шеќерите како едни од главните ризик фактори за многу болести, таа исто така исклучува и бројни важни продукти како житарки, млеко и млечни производи и легуминози кои се богати со есенцијални елементи како калциум, витамин D и B, магнезиум, фосфор, диететски влакна и анти-оксиданси. Сите овие делуваат превентивно и позитивно за состојбите како остеопороза, кардиоваскуларни болести и висок крвен притисок па и не би било баш паметно да го скратиме нивниот внес.

Кој треба, а кој не треба да се фрли на палео диета?

Доколку сте во групата на луѓе кои имаат проблеми со тежината, јадат премногу преработени шеќери, сол, фабричка храна и нездрави бургери, тогаш префрлањето на оваа диета би можела да биде поздравиот избор. Таа најверојатно ќе доведе до симнување на некое кило и намалување на холестеролот (со исклучок на луѓето кои имаат генетска предиспозиција кон дебелина) со што ние би станале поздрави.

Но, што доколку веќе имате здрав начин на исхрана? Зошто би сакале да ги исфрлите продуктите кои имаат огромна нутриционистичка вредност како гравот, житарките и млекото. За луѓето кои веќе имаат здрав начин на исхрана изборот на палео диетата баш и не е паметна идеја бидејќи со тоа би си скратиле од бројните есенцијални витамини, минерали и анти-оксиданси.

Заклучок

Токму поради овие недостатоци на палео диетата, бројни нутриционисти имаат фрлено негативни критики кон неа и ја сметаат за не толку добар избор. Оваа диета единствено би била целосно здрава и полезна доколку се направат измени во нејзината шема. Откачувањето на рафинираните шеќери и солта се ок, но полнозрнестите житарици, легуминози и ниско-маслените врсти на млеко и млечни производи не е пожелно да се исфрлаат.

Од сево ова може да се заклучи дека доколку сме доволно свесни за здравиот начин на исхрана и елементите кои треба да ги внесуваме на дневно ниво, нема да има потреба од никакви диети. Едноставно консумирајте здрава храна на редовно ниво, не јадете премногу и имајте редовни физички активности кои ќе ги трошат вашите бројни вишок калории. Толку едноставна е филозофијата на здравиот живот, само треба да ја практикуваме!

08 Јануари 2013

За авторот