Од домашната билна аптека

Ако аспиринот и аналгинот се задолжителни во шкафчето во купатило, ова се билките задолжителни на прозорот во кујната, а богами и во секое тавче.

Ќе се сложите ли дека ништо не му дава на јадењето подобар шмек од свежо набрани билки? Немаме ништо против сушените, но самиот акт на кинење на нежните ливчиња од стеблото и распространување на прекрасната арома низ кујната како предвесник за вкусот што следува е крајно топол и домаќински.

А истите во мали шарени садчиња може да ви го разубават и обојат досадниот прозор. Еве неколку одлични медицински билки кои со леснотија можете да ги одгледувате дома и да си ги имате при рака и за здрвствени и за кулинарски чуда.

Коријандерот е одличен хелатор, што значи дека го ослободува телото од тешките метали како арсен, олово или жива така што ги прави хемиски инактивни. Значи ова е состојка која мора да ја вклучите во вашата детоксикација. Одлично оди и во зелено смути или џус, а можете слободно да го користите во сите солени јадење каде би ставиле и магдонос, за малку поинтензивен вкус. Најдобро е да го зачнете од семчиња и да го чувате подалеку од директна светлина.

Рузмаринот е извор на рузмаринска и кафеинска киселина, со антиоксидациски и антиинфламаторен потенцијал. Доволно е едно гранче да пуштите во тенџерето и да оставите да се крчка за одлична арома. Инаку рузмаринот е и добар извор на Е витамин, а се препорачува и како облога кај отоци и мускулни повреди. Расте подобро во алкална почва.

Нането е една од најсестраните билки во оваа листа. Можете да го користите и од тавче–гравче до овошно смути и секако во освежителното мохито. Одлично е за подобрување на дигестијата и за свеж здив. Слободно изџвакајте неколку листенца нане и не мора да купувате мастики за џвакање. Нането е од оние растенија кои сакаат светлина, па овозможете му место на прозорот.

Босилекот изобилува со есенцијални масла и еугенол со антиоксидативни и антиинфламаторни карактеристики и е одличен додаток на сите јадењата со домати и сирење, основата на македонската кујна. За босилекот се смета дека е толку моќен антиинфламаторен аген што го споредуваат и со Diclofenac. Посадете босилек на место со повеќе сонце.

Жалфијата на латински се нарекува Salvia, од “salvare” што значи “спасувањe”. Оваа медицинска билка има антивоспалителен и антибактериски ефект, па многу често се препорачува кај инфекции во усната шуплина или грлото и при појава на пародонтопатија, заболување на непцата. Бидејќи има и диуретично дејство погодна е и за употреба кај покачен крвен притисок.

Магдоносот е одличен извор на витамин К, важен витамин за коагулацијата на крвта и за здравјето на коскената супстанца. Исто така е одличен за детоксикација на црниот дроб, а одлично се вклопува во речиси секое ручече иако заради малку поинтензивниот вкус некои луѓе го избегнуваат. Оваа билка исто така сака сонце и малку повеќе трпение бидејќи расте побавно.