Наслов

Лекција за железото

Дали железото од парчето црвено месо е исто со железото од спанаќот на Попај?! Ако се мислите за одговорот на ова прашање тогаш ова е задолжителна лекција по биохемија (без формули, ветуваме).

Најпрво, зошто креваме прашина околу железото? Недостатокот на железо е една од најчестите дефициенции во организмот. Ниските количини на железо доведуваат до појава на анемија која се карактеризира со бледило на кожата и видливите слузници, слабост, пад на температурата на телото. Уште пострашен е фактот дека недостатокот на железо, кај голем дел од населението е всушност латентен, феномен познат како „санта мраз".

Вистината за железото
Колку и да е болно за вегетаријанците да слушнат, сепак фактите се:

  • Да, постојат различни типови на железо. Поточно два, едниот од анимално потекло (со хем група) и другиот од растително потекло (без хем група). Првиот многу полесно се апсорбира.
  • Вегетаријанците општо земено имаат помали резерви на железо отколку омниворите.

Што се однесува до факт број два, иако имаат ниски резерви (но во границите на референтните вредности), сепак вегетеријанците кои правилно и балансирано се хранат поретко заработуваат анемија отколку оние што консумираат месо.

До железна крв на вегетаријански начин
Интересниот дел со железото е дека ако не се абсорбира добро, количината што се внесува станува ирелевантна. Така и спанаќот на Попај, иако со по некој отежнувачки фактор, може да биде одличен извор на железо, само ако правилно се апсорбира. Во продолжение неколку совети како да примите повеќе железо со вегетаријанска исхрана.

Ако изедете помалку, ќе апсорбирате повеќе
Колку лудо и да звучи, сепак ако одеднаш на организмот му дадете огромна количина на железо, апсорцијата ќе се сведе на само неколку милиграми. Најдобро е ако во текот на денот консумирате повеќе пати зелен извор на железо во помали количини.

Добитна комбинација: железо и Ц витамин
Абсопцијата на железото во присуство на овој витамин се зголемува дури за 5 пати! Оваа комбинација лесно ќе ја пронајдете низ сите кујни, иако сигурно не сте помислиле за нејзината цел. Легуминозите се комбинираат со домати, или богати продукти со железо во комбинација со лимонов сок.

Избегнувајте кафе или чај
Не мора да се откажувате од вашиот утрински сојузник, но танините од овие пијалоци ја попречуваат абсорпцијата на железото, па најдобро би било да ги избегнувате час или два пред оброк.

И за крај уште еден интересен факт. Според едно истражување вегетаријанците имаат помалку железо во резервите отколку веганите. Всушност разликата во исхраната помеѓу овие две групи се млечните производи и јајцата, кои и не се баш некој добар извор на железо. Веганите овие продукти ги заменуваат со зеленчук и легуминози, кои од друга страна се добар извор на железо.

16 Јули 2013

За авторот