Ти не си ти кога си гладен

Кога на спортист му се јаде – му се јаде!

Ако сте редовно ставени во тренажен процес тогаш сигурно се чувствувате како машина за кркање која понекогаш знае и да претера. Дали навистина ви се потребни тие калории, или можеби го правите тоа од навика?

Доколку редовно тренирате со малку повисок интензитет и ниво тогаш сигурно сте се осетиле како вечно гладен посегнувајќи по се и сешто во кујната, од здрави вкусни закуски до висококалорични десерти и порции. И како да немате осет, едноставно јадете и јадете….

Позадината на стрвноста за храна кај спортистите е многу едноставна и таа треба да се следи, а не да се избегнува. Доколку вашиот организам нешто бара, тој најверојатно и има реална потреба од тоа што го бара – најчесто нешто му фали, па затоа потребно е да научите да го слушате и правилно да му одговорите т.е. да го нахраните. 


Сигурно ќе ве интересира – ВЕЖБАЊЕ И ЗДРАВА ИСХРАНА – ДВЕ НЕРАЗДЕЛНИ НЕШТА


Тоа е како што велат „ако детето гребе од ѕидот и јаде, најверојатно му фали калциум…” па така и овде, организмот инстинктивно ќе ви каже што ви фали. Ако ви се јаде солено, најверојатно ви фалат минерали, ако барате благо – ви паднал шеќерот, а посегнувањето по млеко и месо укажува на тоа дека ви фалат протеини. И сето ова е поради физиолошките процеси кои се одвиваат во телото откако ќе удрите една добра сесија на вежбање. 

Дополнително, тука е и другата страна на стрвноста која ги надминува овие нутрициски потреби т.е. е поврзана со самата помисла и навика за консумирање на храна (ментален аспект). Исто како кога си на диета – го бараш и го сакаш она што најмногу ти е забрането, можеби некогаш сакаш да си дадеш награда после завршена трка или пак го правиш тоа чисто рутински, од навика. 

Тука е важно да направите разлика помеѓу она што навистна ви треба и она што можеби прешло во навика. Дозволено е „доделување” на награди во форма на вкусна и често не толку здрава храна но само кога навистина ја имате заслужено. Односно, внимавајте да не потпаднете во „стапицата” која ве тера многу да консумирате, а вие реално не сте доволно активни и редовни во вежбањето. Тоа со сигурност ќе ве однесе во друг правец. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија