Храна од која може да се предозирате

Додека класичното “предозирање” со храна обично значи дека сте изеле повеќе отколку што ви држи стомакот и следуваат неколку часа на тешки постпрандијални тегоби, претерувањето со некои намирници може да доведе до посериозни последици.

Еве неколку примери за тоа дека некогаш може да претерате и некои намирници кои делуваат наивно…

МОРКОВИ

Изобилуваат со витамини, минерали и диетални влакна, но премногу моркови значи и премногу бетакаротени, кои се липосолубилни супстанци и може да се складираат во најповршинскиот слој од кожата. Состојбата се нарекува каротенемија, безопасна е и транзиторна за краток временски период, а во меѓувреме ќе изгледате како Умпа Лумпа од Чоколадната фабрика на Вили Вонка.

ТУНА И СУШИ

Рибата е одлична за надополнување на потребите од омега 3 масните киселини и протеини. Сепак премногу риба, особено од поголемите видови како туната може да доведе со предозираност со жива. Овој елемент во големи дози доведува до невролошки оштетувања, а особено претпазливи треба да бидат бремените жени и доилките. Ограниченото внесување на туна и суши е добра превенција за заштита од прекумерени нивоа на жива.

КОМБУХА

Овој ферментиран пијалок го нарекуват еликсир на долговечноста. Тоа е всушност зелен и црн чај со малку шеќер, преработен од страна на симбиоза од габички и бактерии до пијалок со многу витамини и полезни супстанци. Сепак комбухата, бидејќи се прави во домашни услови, понкогаш може да се контаминира со несакани габички и бактерии, а исто така пријавени се случаи на сериозни токсични реакции. Затоа се препорачува нејзината консумација да се ограничи на една чаша дневно.

КАФЕ

Иако функционирањето наутро е тешко без омилениот стимуланс, сепак претерувањето со кафе може да доведе до низа негативни ефекти. Кафето го стимулира нервниот систем кој делува енергетски, разбудува и ја подобрува координацијата. Кога ќе претерате со маѓичната напивка нус ефектите се инсомнија, срцебиење, тремор (тресење на дланки), гадење, повраќање. Ограничете ја консумацијата на кафе на максимални 2 шолји во текот на денот.

ВОДА

Оптималната хидратација е еден од постулатите за одржување на здраво тело и здрав дух, сепак постои и патолошка состојба која се нарекува интоксикација со вода. Оваа состојба е закана за спортистите подложени на долготрајни напори како што е маратонот, кога заради преголема консумација на течности и ненадокнадување на минерали доаѓа до нарушување а електролитниот баланс во организмот.

 

МУСКАТНО ОРЕВЧЕ

Дискретната арома од лесно зачинување со мускатното оревче е вистински празник за сетилото за мирис, но екцесивните количини од овој зачин може да предизвикаат психоделични ефекти и халусцинации заради што понекогаш се користи и како ефтина дрога. Иако дозите што се користат во кулинарството, па дури и оние огромни дози што доведуваат до халусцинации не се летални, сепак во историјата се запишани два случаи со смртен исход како резлутат на ингестија на големи количи мускатно оревче.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија