Чиа – секојдневно нутри задолжение

Ова мало семче со огромни моќи најчесто се користи заради своите нутритивни и медицински карактеристики. Зголемување на атлетската издржливост, потиснување на апетитот, намалување на телесната тежина, одржување стабилно ниво на шеќер во крвта и подобрување на алиментарната функција се дел од нив. Следуваат неколку забавни предлози како да користите повеќе чиа во секојдневната исхрана.

Диетални влакна, омега 3 масни киселини, аминокиселини и минерали во соодветни дози и пропорции го градат нутритивниот профил на чиа семето, а способноста на диеталните влакна да набабруваат во присуство на вода и да формираат гел е уште една одлична карактеристика. Вака формираниот гел делува како бариера помеѓу ензимите и јаглехидратите со што го успорува нивното разложување, изворот на енергија е подолготраен и побавно е искористувањето.

Повеќе за полезностите од чиата може да прочитате во следните статии: КОЈ МУ ЈА КРАДЕ СЛАВАТА А ЛЕНЕНОВОТО СЕМЕ? и ПОВЕЌЕ ЧИА ВО ВАШАТА ЧИНИЈА, а следно ви даваме неколку предлози како да вметнете повеќе од ова семе во вашата секојдневна исхрана.

ЕНЕРГИЈА ПЛУС ВО ОВЕСНАТА КАША

Овде најмногу доаѓа до израз оној ефект кога гел-супстанцата што се формира од чиата овозможува поспоро искористување на јаглехидратите од овесот и постабилен извор на енергија.

НАМЕСТО ДА БАРАТЕ ЈАЈЦЕ ОД КОМШИВКАТА

Измешајте половина лажичка чиа со малку вода и по некое време ќе добиете конзистенција на белка од јајце, која е одлична за сврзување на состојките во вашите мафини или колачи. Одлична замена ако сакате да одморите од јајца, експериментирате со вегански рецепти или едноставно сте заборавиле да купите јајца. Повеќе на следниот линк.

ВКУСЕН И ЗДРАВ ДЕСЕРТ СО НЕКОЛКУ ПРОМЕШУВАЊА

Пудингот од чиа е најлесниот десерт на светот што воедно може да се пофали и со малку калории, а многу придобивки за телото. Малку млеко, малку чиа, засладувач и екстракт од ванила е основната верзија, а вие можете да ја надградите со уште многу други ароми и вкусови. Повелете рецепт.

ИЛИ СОЛЕНА ВЕРЗИЈА

Благодарение на гелот што се создава од набабрените чиа семчиња, лесно може да згуснувате чорби или сосеви, наместо нашиот традиционален начин со брашно и масло. Во зависност од количината, ставете неколку лажички чиа и промешајте.

‘РТЕНИ И ВО САЛАТА СВРТЕНИ

За да уживате во из’ртени чиа семиња ќе ви треба мала припрема, но хранливите и крцкави млади никулци вредат за секоја мака. Семето одржувајте го влажно во стаклен сад, во тек на неколку денови, а потоа ќе имате можност обичната салата да ја направите енергетска бомба.

ДОМАШЕН ЕНЕРГЕТСКИ ГЕЛ

Надворешните активности и спортување често бараат надополнување на енергија, па лесен и пренослив извор се геловите и баровите кои и не се баш најздрави. Тие содржат адитиви, понекогаш гмо и синтетички протеини. Мешавина од чиа, домашен овошен сок, шеќер и малку електролити (сол и сода бикарбона) може да биде одлична гел комбинација која ќе ја понесете на следната авантура.

ЗА ОСВЕЖУВАЊЕ

Можеби најпознатиот рецепт со чиа семе е чиа фреска, изворно од племето Тарахумара, познати по трчање на големи дистанци, издржливост и многу чиа во секојдневната исхрана. Прелесно се припрема, состојките се достапни, а освежителниот ефект е одличен.

Имате ли вие некој интересен рецепт со чиа? Споделете со нас.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија