Наслов

Ставете 12 часовна рамка околу оброците

Неизедената полноќна ужинка е еднакво важна како и рестрикцијата на калории кога се борите со килограмите.

Модерниот животен стил во голема мера го диктира и начинот на исхрана, па наместо утринскиот појадок, сркнуваме кафе и трчаме на работа, ручекот најчесто ни е сервиран во голема земичка, а вечерите се обилни и доцна во ноќта. Освен тоа што и колку јадеме, истражувањата покажуваат дека еднакво важно е и кога јадеме.

Сместување на оброците во 12 часовна временска рамка од 8ч. наутро до 8ч. навечер, во голема мера влијае врз создавањето и складирањето на телесните маснотии и секој оброк надвор од овие граници доведува до дисбаланс и таложење на вишоци.

Дека согласувањето на исхраната со 24 часовниот биолошки часовник има голема улога во непречено одвивање на нормалните метаболитички процеси, но и превентивна улога кога станува збор за дијабетес, покачен холестерол и зголемена телесна тежина, покажува ова испитување.

Без разлика на видот на диетата, секогаш кога не била запазена 12 часовната рамка, експерименталните животни завршувале со вишок маснотии во организмот, од каде понатаму отпочнува еден ланец на промени кои завршуваат со обезитет, кардиоваскуларни заболувања, дијабет.

Ова покажува дека дури и ако не постои можност за здрава и квалитетна диета, избегнувањето на доцни ноќни ужинки, може да има полезен ефект и дека не е важно само да се запазува бројот на калории во текот на денот, туку и нивната распределеност.

Иако ова истражување држи вода и е добро да се применува, сепак меѓу нас има и непоправливи ноќни птици за кои чукнувањето на часовникот на полноќ значи повик за мала ужинка, па ако се пронајдовте во описот, прочитајте како да се искупите за ноќните гревови во кујната.

03 Декември 2014

За авторот