Туршија – зимска витаминизација

Како што изборот на свеж зеленчук на тезгите станува сè помал, така расте бројот на теглите во шпајзот. Веќе на трпезите, наместо свежата краставица се вадат корнишоните или наместо свежа зелка се сецка скиселената. Имаме ли фајде од туршијата?

Уште на самиот почеток да ги разграничиме домашно подготвената кисела зелка и жива туршија, наспроти индустриските. Во индустриската туршија најчесто има конзерванси како што се суфатите, многу повеќе киселина, но и многу повеќе сол. Освен тоа најчесто оваа туршија се изложува на процес на пастеризација, па се уништиваат многу витамини, но и пробиотици.

Од друга страна домашната туршија и кисела зелка, според традиционалниот рецепт се припремаат само со сол, шеќер, малку киселина и вода. Зеленчукот убаво измиен се прелева со течноста во чист сад, а по неколку недели благодарение на процесот на вриење на шеќерите се добива „зимски витамински бунар” богат со лактобацили, млечна киелина, витамини, минерали, дигестивни ензими, други органски киселини.

БЕСПРЕКОРНА ДИГЕСТИЈА 

Според истражувањата, во живата туршија и киселата зелка има огромни количини на пробиотици. лактобацилите и нивни ензими прават чуда за дигестијата, а со присуство на мноштвото од диетални влакна, кои исто така ги има во туршијата, делуваат превентивно врз дигестивниот тракт и штитат од повеќе заболувања.

ВИТАМИНСКИ БУНАР

Огромни количини на витамините Ц, К, Б комплексот се присутни во крцкавите скиселени зеленчуци, кои благодарение на процесот на ферментација имаат зголемена биорасположливост. Во услови на оскуден избор на свежо овошје и зеленчук, туршијата претставува незаменлив зимски извор на витамини. Од минералите, значителни се количините на калциум и магнезиум. 

МАЛ ВЛОГ ЗА МНОГУ ЗДРАВЈЕ

Тргнувајќи од фактот дека зеленчукот го купувате во лето кога пазарчињата се евтини, а во зима добивате многу витамини, минерали, пробиотици и вкусови во мал број на калории, туршијата делува како мал влог, кој ќе ви се врати многукратно. Единствена мана на туршијата е големата количина сол што се користи во подготовката, па може да има негативен ефект кај луѓе со хипертензија. Токму затоа се препорачува пред консумација да се помине под млаз вода, за да се минимизира количеството на сол. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија