За малку пари, многу музика

Како расол во зима, салата во пролет и лето, лесна манџа преку целата година, супа за слабеење или смоткана како добро познатата сарма, за малку пари, таа секогаш носи многу музика (читај здравје).

Зелката може да биде добра превентивна мерка од атеросклероза, особено кај оние со високи вредности на холестерол во крвта. Таа содржи големи количина на диетални влакна и овие нејзини компоненти се врзуваат со жолчните киселини.

Кога се случува овој процес, жолчката полесно се екскретира и крајниот резултат е помалку холестерол. Максимум ефект во тој поглед се постигнува ако зелката е обарена. Освен тоа диеталните влакна се добро познати и во справување со опстипацијата.

Во поново време овој мега зеленчук добива и антиканцерогени признанија. Според некои истражувања синигринот содржан во зелката може да превенира повеќе типови на рак, како рак на дебело црево, простата и мочен меур.

Има моќен антиоксидациски потенцијал благодарение на големите количини на витамин Ц кои ги содржи па затоа токму зелката била главен протагонист во откривањето на лекот против скорбут. Првиот морнарски брод кој се вратил од долго патување и без ниеден пријавен случај на скорбут е бродот кој со себе си понел буриња и буриња кисела зелка.

И за крај, од зелката добивате најмала количина маснотии и најмал број на калории од било кој друг зеленчук. На здравје салатче.