Наслов

Просото не е само за клукање

Иако главна состојка во комерцијалната храна за папагали, оваа житарка стои рамо до рамо со било која друга по својата нутритивна вредност, а во некој сегменти дури и отскокнува. Ова се неколку причини зошто да јадете повеќе просо...

Просото е одличен енергетски и протеински извор, соодветен и за деца и за атлети. Во 100 грами просо има 10-15 грами протеини кои комбинирани со легуминози даваат целосна палета од аминокиселини. Освен тоа помеѓу останатите житарки, оризот и легуминозите, просото котира највисоко во својот антиоксидациски потенцијал.

  • Наместо ориз, пред 5000 години, главна кулинарска состојка во Азија било токму просото. Овие простори и ден денешен остануваат најголеми производители и консумирачи на просо. Кинеските знаци за "просо" и "уста" заедно го формираат знакот за "хармонија"

Благодарение на високата антиоксидациска активност и антиинфламаторните споспобности за просото се смета дека може да ја намали количината на серумските триглицериди и последователно да го минимизира ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања.

Оваа е една од полесните житарки за 'ртење, a самите никулци содржат многу повеќе протеини и биорасположливи минерали. Од минералниот состав значаен за споменување е магнезиумот, важен за огромен дел ензимски процеси во организмот, мускулната и нервната функција.

Просото не содржи глутен, па е погодно за сите глутен-интолерантни или оние кои од било кои причини избегнуваат глутен. Исто така се наоѓа на листата на алкална храна, која според теоријата на алкалната диета создрава повисок pH во организмот, што се смета за канцер-протективен ефект. Па така ако сте приврзаник на било која од овие две диети, просото одлично се вклопува во вашиот режим.

Од кулинарска гледна точка соодносот кој треба да го запаметите е 1:2.5, каде еден дел е просо, 2,5 делови се вода. Инаку просото може да биде следниот пилаф, фиде во супа или чорба, мастрав за полнети пиперки, млечен појадок, пуканки и уште мал милион други вкусни и здрави јадења. Сега за сега повелете три предлози:

СУПА СО ИКРА

ЧОРБА ЧОК, МЕСО ЈОК

ПРОСО ВО ЦРВЕНА ПИПЕРКА

07 Јули 2014

За авторот