Како да го намалите внесот на сол?

Без да го фрлите соларчето!

Солта, некаде повеќе, некаде помалку, може да ја најдете дури и во онаа храна која воопшто нема солен вкус и лесно да ја надминете препорачаната вредност. Пробајте барем некој од овие начини за намалување на количините на сол…

1. Поиграјте си со зачини

Храната ја солиме најчесто за да и додадеме малку повеќе вкус, но микс од различни зачини и сушени билки може доволно да ги задоволи сетилата и лесно да ја изоставите солта од јадењето.

2. Домашно си е домашно

Почнете да си готвите сами. Само така можете да бидете 100% сигурни за тоа колку сол има во јадењето. Било која храна која ќе ја изедете надвор крие поголема количина сол отколку што претпоставувате.

3. Внимателно со конзервирана храна

Грашокот и гравчето од конзерва поминете ги под млаз вода пред да ги зготвите или консумирате. Конзервите секогаш содржат голема количина на сол.

4. Не се плашете од полномасната храна

Бидејќи она што е ниско-маслено најчесто е зашеќерено и посолено до плафон. Мастите имаат голема улога во задоволување на вкусовото сетило, па храната сиромашна со нив за да биде повкусно содржи многу сол, шеќер или и двете.

5. Збогувајте се со супите од кесичка

А истото важи за било која друга инстант храна и шумливите таблети. Овие намирници се огромен извор на сол. Исто така и лебот од продавница може да крие големи количини на сол, а често точната количина не е наведена на пакувањето. Сепак домашните варијанти на истата храна може да биде далеку поздрава и помалку солена.

6. Подалеку од очите, подалеку од стомакот

Тргнете го соларчето од масата и најдете му место во некој темен кош од кујната. Ако не ви се мотка пред очи, помалку ќе го користите.