Масло, етикета и квалитет

На некои производи етикетирањето е позабележливо и поверодостојно додека на други е маргинализирано со предумисла. Кога зборуваме за тоа какво масло конзумираме, треба да обрнеме внимание на некои зборови/реченици содржани на неговата етикета и да дознаеме што всушност тие значат. 

Вирџин масло (Virgin oil)
”Вирџин” значи дека при екстракција на маслото не се користени хемикалии или топлина. Наместо тоа, плодот е сомелен во паста и пуштен на центрифуга (исто како кај машината за перење алишта) за да се оддели маслото од сè друго.

Кај маслиновото масло, ”вирџин” означува дека содржината на слободни масни киселини (мерка за квалитет, каде помала содржина значи подобар квалитет) е помала од 2%.

Кај кокосовите масла пак означува дека маслото е добиено од свеж, зрел кокос со помош на средства кои не доведуват до промени на маслото. Содржината на слободни масни киселини треба да биде помала од 0,5%.

90% од производителите на кокосови масла во светот се согласија да се придржуваат до овој стандард. Производителите на маслиново масло тврдат дека се придржуваат до него, но на тестовите за квалитет се покажа дека не е баш така.

Екстра вирџин масло (Extra virgin oil)
”Екстра вирџин” е ”вирџин” масло, но за кое се смета дека има супериорен вкус. Кај маслиновото масло, тоа значи дека содржината на слободни масни киселини мора да биде помала од 0,8%.

Иако на некои шишиња кокосово масло може да пишува “екстра вирџин”, не постои стандардна дефиниција на тој термин кај кокосовото масло, па затоа можете слободно да го толкувате како “вирџин”.

 

Ладно-цедено масло (Cold-pressed oil)
Ладно-цедено или прво ладно цедење значи дека маслото било добиено со користење на традиционална хидраулична преса, без употреба на хемикалии.

Ако маслото се добило со помош на друг метод, тогаш не треба да пишува ”цедено (pressing)” на етикетата. Ознаката ”ладно (cold)” едноставно значи дека маслото не било загреано. Со други зборови, цедењето било направено на собна температура (на температура пониска од 27 °C за маслиново масло).

Патем, не постои ”второ цедење” на маслото, па ”прво цедење” е навистина бесмислен опис.

 

Рафинирано масло
Обично на предниот дел од етикетата не пишува дека маслото е рафинирано. Ова е маслото кое не спаѓа ниту во ”вирџин” ниту во ”екстра вирџин” групата на масла поради содржината на слободни масни киселини. Ова масло дополнително се рафинира со помош на хемиски и физички филтри за да му се намали содржината на слободни масни киселини (на помалку од 0,3%).

Крајниот резултат е масло со многу светла боја и вкус. Рафинираното масло не е нутрициски полошо за вас од ”вирџин” маслото, но ако имате аверзија кон храна што е хемиски третирана тогаш можете да ги тргнете маслата кои се “рафинирани”, “чисти” и “лајт” (или “екстра лајт”).

Кога маслото е ставено во листата на состојки на преработена храна, тогаш обично се алудира на рафинирано масло.

Чисто масло (Pure oil)
Чисто или кога нема дополнителен опис значи дека маслото не е ”вирџин”. Тоа е обично мешавина од ”вирџин” и рафинирани масла. Чистото маслиново масло на пример, е мешавина од рафинирано маслиново масло, па затоа нема право да биде етикетирано како ”вирџин”.

”Лајт” масло (Light oil)
”Лајт” или ”екстра лајт” се користи само кај маслиновото масло и означува дека маслото нема толку интензивен вкус на маслинки. ”Лајт” значи лесно на вкус (и со светла боја), но не и во калории (сите масла се 100% масти).

Оваа верзија на масло обично се добива со мешање на маслиново масло со рафинирано маслиново масло. Што повеќе е ”лајт” , толку е поголем процентот на рафинирано масло во него.