Црпнете од есенско/зимскиот витамински бунар

Во периодот кога полека, но сигурно витамините престануваат да висат на дрвата, а и на самите нас ни паѓа витаминскиот биланс во организмот, јапонското јаболко настапува на сцена како коректор на отсутните неопходности. 

Можеби извесната јазична бариера била пресудна за името на овошјето на нашите простори, но ботанички тоа нема врска со јаболката и претставува вид бобинка (мошне голема), која спаѓа во групата на Diospyros, подобро познати како Chinese Persimmon, Japanese Persimmon, Kaki Persimmon.

Всушност, кинеската варијанта на ова овошје е најшироко култивирана, па можеби тоа треба да биде именувано како кинеско јаболко, но, сепак, ние ќе си го викаме јапонско. Без разлика на спорот со името, здравствените бенефиции се многубројни.

Калории и диетални влакна

Јапонското јаболко може да претставува дневна слатка порција што содржи малку калории, а и неверојатно многу диетални влакна. Во само едно јапонско јаболко со средна големина ќе внесете половина од дневните потреби за диетални влакна. Сево ова придонесува кон подобра состојба на системот за варење и ги намалува вредностите на холестеролот, а со тоа индиректно придонесува за здраво срце.

Витамини

Секое овошје со портокалово-жолта нијанса е богато со витамин А и бета-каротeни, па и јапонското јаболко не е исклучок, а едно просечно јаболко содржи 50% од препорачаните вредности за витаминот А. Витаминот C, пак, е застапен во задоволителна концентрација која ќе му даде поткрепа на организмот во периодот на грип и настинки. 

Минерали

Свежото јапонско јаболко изобилува со калиум и бакар, а особено е богато со манган. Манганот е кофактор за ензимот супероксид димутаза што претставува ловец на слободни радикали, а бакарот е, исто така, вмешан во продукцијата на црвените крвни клетки.

Фитохемикалии

Природните фитохемикалии се перфектно избалансирани во овошјето и во зеленчукот. Јапонското јаболко изобилува со флавоноиди и каротеноиди што нѐ прават поздрави.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија