Солта ни ги грицка коските

Дали солта е новиот шеќер?

Листата на заболувања кои се предизвикани од прекумерна употреба на сол во секојдневната исхрана постојано се зголемува. Новите докази за неговата штетност доаѓаат од Мелбурн, Австралија и се поврзани со здравјето на коските.

Количината на сол која секојдневно ја корстиме сè повеќе се зголемува. Лошата навика да досолуваме и зголемената употреба на процесирани и полуприготвени јадења прави да современиот човек внесува околу 12 грама сол дневно.

Веќе е познато дека вишокот на сол штетно влијае врз здравјето на срцето, работата на бубрезите, предизвикува зголемен крвен притисок и ред други сериозни здравствени компликации. Новите истражувањата на мелбуршкиот институт за дијабетис и срцеви заболувања предводени од професор Ендрју Марфи покажаа дека вишокот на сол во исхрана штетно влијае на имунолошкиот систем и ги прави нашите коски порозни.

Неговото истражување било спроведено на глувци кои имале диета со висока количина на сол (еквивалентна на нашите 12гр) дневно во тек на 12 недели. По завршувањето на овој период научниците забележале дека имунолошкиот систем кај глувците е прекумерно активен и дека количината на бели крвни зрнца е значително зголемена. 

Истрагата продолжила во коскената срж на глувците каде што се наоѓаат матичните клетки и притоа тие забележале дека коските на глувците во своето ткиво имаат дупки, односно, биле разјадени. Заклучокот бил дека прекумерната активност на имунолошкиот систем и преголемото лачење на бели крвни зрнца буквално ја разјадува и ја прави коската шуплива што предизвикува истекување на матични клетки кои подоцна завршиле во слезената.

Сосема случајно тим од научници во Германија во истиот период спровела слично истражување со луѓе кои имаат прекумерен внес на сол и ги мониторилале знаците на коскена декомпозиција во крвта.

Како и тимот од Мелбурн и тие дошле до истиот заклучок, односно дека прекумерната употреба на сол може да предизвика прекумерна активност на имунолошкиот систем и коскена декомпозиција. Лошата исхрана во комбинација со лошите животни навики се една од најголемите причини за слабо здравје и краток животен век.

Бидете мудри, активни, живејте здраво.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија