А дали симитот е најважниот оброк во денот?

Во класичен „пу пу не важи” потег преку неколку понови студии некои истражувачи и нутриционисти го променија мислењето околу „најважниот” оброк во денот – добро знаете за кој се работи. Видете, ако на редовно дневно мени ви е мрсна симитка (читај зејтин и брашно), тогаш и луѓево не се некаде далеку од реалноста. 

Досега со 100 процентна сигурност можеме да кажеме дека некаде сте прочитале или можеби сте слушнале некој збор околу важноста на појадокот во однос на другите оброци во денот и неговата супериорност во здравствените придобивки кои ги нуди. Приказната секогаш се вртела околу полесно слабеење и контролирање на тежината, добар старт на денот, помалку внесување на калории во понатамошниот тек на денот итн…

Но, неколку понови студии дојдоа до сосема спротивни заклучоци од сите досегашни во кој испаѓа дека појадокот и можеби не е секогаш најздравото и најважното јадење во денот – особено ако се земе фактот – што се јаде т.е. кој е изборот на појадокот. 

Иако како портал кој третира спортско-рекреативни, нутриционистички и здрави пристапи кон животниот стил, веднаш ќе ви кажеме дека дефинитивно стоиме зад појадокот како оброк кој заслужува внимание и треба да се внесува во разумен квалитативно-квантитативен однос, одма ќе се сложиме и со резултатите на едно од овие истражувања кое вели дека „појадокот” ги намалува шансите за срцеви заболувања и зголемување на телесната тежина, ама единствено ако изборот е правилен. 

Со други зборови, опциите како тесто, процесирани „снегулки”, шеќери и длабоко пржени доручеци се далеку од здрав избор за појадок и тие во било кој случај ќе го имаат ист оној негативен ефект врз здравјето на човекот, особено ако се консумираат на редовно ниво. 

За разлика од тоа, одберете поздрави варијанти како секогаш едноставното овошје, овесни каши без додатоци на шеќер, омлет, кајгана, здрави масти, салата, малку леб и мал милион други здрави опции за појадок кој ќе ве одржат здрав во вистинска смисла на зборот. 

Во една од другите студии пак, беше докажано дека луѓето кои не јадат појадок НЕ внесуваат повеќе калории во останатиот дел од денот како што порано се сметаше. 

На крајот на краиштата, секогаш и сè се сведува на изборот…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија