Наслов

Цвекло за стамина

Запрашајте се кога последен пат јадевте цвекло?! Самиот одговор најверојатно ќе Ви укаже на тоа дека оваа репка не ја консумирате доволно, а на нашево поднебје како што успева и како што е полна со бенефити дефинитивно ja потценувате.

Според едно истражување на универзитетот Exeter кое вклучува 8 мажи на возраст од 19-38 години, пиењето на 500мл сок од цвекло дневно може да ви ја покачи издржливоста дури и 16%. Имено на групата испитаници им било давано сок од цвекло во тек на 6 последователни денови, а на крајот од неделата извршувале вежби кои најчесто се состоеле од возење велосипед.

Истото било направено и со плацебо т.е. сок од бобинки, 6 последователни денови и повторно истите вежби на крајот од неделата. Добиените резултати биле во полза на сокот од цвекло.

Истражувачите сè уште не се сигурни за точниот механизам како цвеклото делува за покачување на издржливоста, но се смета дека нитратите со кои оваа репка изобилува ја намалува потребата на кислород на засегнатата мускулатура. Па, ако сте атлета овој факт може да биде доста погоден за да истрчате некој километар плус наредниот пат.

Во секој случај, не мора да се натпреварувате или да трчате маратони за да почнете да го консумирате цвеклото на дневно ниво. Тоа содржи железо, магнезиум, калиум, 0 масти, малку јаглехидрати, Ц витамин и фолна киселина. Доволно добра причина денес за ручек да си приготвите една салата за стамина.

06 Јуни 2013

За авторот