Наслов

Околку бозата и лекот

За култната дебармаалска боза важело дека лечи секаква болест, па и слаткарницата до ден денешен токму поради тоа си го носи името Апче. Што пијалок е всушност бозата, имаме ли фајде?

Нема да ви кажеме дека бозата лечи секаква физичка и душевна болка. Но топло ви препорачуваме од време на време да си пројдете до Апче, Палма или Шехерезада на по една кригла.

Бидејќи се пие од Кавказ и јужна Русија до Балканот, низ Источна Европа, па и малку пошироко појдовниот рецепт варира, некаде се користи пченка, некаде пченица, некаде просо и мешавина од сите, па така постојат и варијации во вкусот во зависност од тоа каде ја пиете бозата. Во суштина бозата се прави од житарки кои ферментираат со шеќер и крајниот продукт има слатко кисел вкус, минимални количини алкохол и многу пропратни полезни продкути од метаболизмот на бактериите за кои ќе стане збор подолу во текстот.

Како се добива боза? Житарките се варат, се прецедува течноста, се лади и се засладува. Потоа се додава стартер култура (габички и бакетерии) и отпочнува процесот на ферментација кој трае 24 часа и потоа добивате боза која се чува во фрижидер и може да ја да консумирате во рок од 5-6 дена.

Заради самиот начин на подоготовка бозата изобилува со пробиотици, полезни микроорганизми кои ја потпомагаат и олеснуваат дигестијата, ги оленуваат тегобите во дигестивниот тракт и го модулираат имуниот систем. Најголем дел од тие микроорганизми се така наречени лактобактерии и произведуваат бактериоцин, мала молекула која ги уништува патогените микроорганизми.

Дека бозата е течна храна потврдува фактот што процентот на јаглехидрати се движи помеѓу 10-18% што ја прави одлична за надополнување на истрошените гликогенски залихи во телото после напорни планинарски тури, маратони или било која напорна физичка активност.

Освен тоа бозата содржи и протеини и минерали (железо, калциум, фосфор), многу диетални влакна, органски киселини и многу витамини, особено палетата на Б витамини. Калоричната вредност на бозата изнеува околу 1000 калории на 1 литар, па затоа е одлична подлога за потребниот калориски буст пред тренинг.

Во соседните држави бозата може да се купи и во продавница, флаширана во пластични шишиња, засладена со шеќер или со некаква замена за шеќер како што е аспартамот. Кај нас (за среќа) бозата сè уште се прави по испробани оригинални рецепти и се купува во слаткарници кои водат сметка за нејзиниот квалитет. Од друга страна рецептот за боза е прилично едноставен и можете да си правите и дома сами.

 
  • 5 литри вода
  • 4 големи лажици полни до врв пченкарно брашно
  • 1 голема лажица полна до врв пченично брашно
  • 400 грама шеќер + половина литар вода за правење сируп
  • 1 квасец со 1 лажица шеќер
 

1. Во голем сад се налева водата и се остава да проврие. Во чаша со ладна вода се разматува брашното, се сипа во водата што врие и се меша.

2. Се намалува температурата и со повремено мешање се вари околку половина час на тивко.

3. Откако добро ќе се олади се додава квасецот разматен во чаша млака вода со една лажица шеќер. Така се остава 24 часа на собна температура.

4. Со останатиот шеќер следниот ден се прави сируп и кога ќе се олади се додава во бозата за да се заслади. Се флашира и се чува во фрижидер.

Уште една работа штое кул е тоа што веројатно бозата е предок на нашиот омилен пост-маратонски пијалок пивото. Сепак постои сличност во процесот на добивање пиво и боза, па овие претпоставки може да се точни, па затоа уште повеќе ја почитуваме...

14 Јануари 2016

За авторот