на Шишевски качена во чист стил

Зимско – пролетно качување на манастирот Шишевски

Всушност не ми е битно дали е првенствена. Доволен ми е фактот што со Бажо искачивме насока on sight и чисто. Битно за мене е тоа што ова успешно искачување, колку и да е мало и лесно ме поттикна да почнам да се насочувам кон чистото качување.

Минатата недела на големо се договаравме за претстојниот викенд, планирајќи да го искористиме убавото време на Матка. Се договаравме, и договаравме иииииии… На крај испадна дека во сабота (15.02.2014) сме слободни само Јас, Антониа Сарделиќ, Благоја Китановски и Анкин Сарделиќ Ежовски, нашето сакано еден и пол месец старо синче на кое ова му беше прво излегување во природа. Тука би застанал за момент. Ќе направам мала мешаница во текстов и прво во кратки црти ќе кажам што се случуваше наредните денови, т.е. недела(16.02.2014) и вторник(18.02.2014). Не ме прашувајте зошто (не ни можете во моментов нели :P? ), едноставно така одлучив. Си имам и јас бубачки во глава ;).

За недела (16.02.2014) имавме поголем план, кој вклучуваше основна обука за нашите најнови клупски колеги и две наши пријателки кои ги поканивме на top rope дружење и по некоја долга насока. Голем дел од групата (оправдано) отсуствуваше поради обврски и на крај испадна лабаво дружење на нашиот сакан Мал Камин (велам нашиот затоа што таму Јас, Антониа и Бажо ја добивме првата обука и првите искуства на Матка), вежбалиште кое го сметам за идеално за запознавање на нови луѓе со качувањето на карпа . Убавото време измами многу луѓе и дворот на шишевски беше преполн. Голема посетеност имаа и спортските насоки. Сé на сé супер ден, лабав.

Вторник (18.02.2014). Еден од нашите најнови членови, Михаил Ежовски, беше дојден во Скопје. Со неколку предомислувања, конечно се одлучивме да одиме на Матка Јас, Антониа, Анкин и Михаил (од тука натака Каљо 😉 ). Се одлучивме повторно за Мал Камин (како што спомнав претходно, според мене идеален за обука на почетници). Обуката што се планираше во саботата ја поминавме тој ден. Поминавме комуникација при качување во наврска, основните чворови (осмица и лагерски) и откако го искачивме Мал Камин, Каљо и јас завршивме со абзел. Поради тоа што бевме ограничени со време, тоа беше сé што се случуваше тој ден.

Сега ќе се навратам на саботата, која за мене беше посебно интересна и возбудлива (можеби затоа ја оставив за крај 😉 ).

Саботата (15.02.2014) исто така тргнавме доцна, па поради тоа моравме да се одлучиме за една кратка линија, колку да не биде доаѓањето за џабе (на Матка всушност никогаш не е, меѓутоа коментарот се однесува на делот со качувањето).

Пред некое време имав забележано линија која следи две пукнатини, се наоѓа отприлика позади клупата во дворот на шишевски. Уште тогаш посакав да се обидам да ја качам, меѓутоа тој ден не се чувствував добро и решив да си го послушам телото и да оставам за некој друг ден. Саботата беше тој ден. За разлика од претходниот пат, сéуште немав ништо качено, а ми се качуваше многу. Причина плус беше и тоа што Антониа ја дополни нашата колекцијата на опрема со сет DMM хексови, кои што неможев да дочекам да ги испробам.

 

Така, „вооружен“ со 7 чокови, 4 хексови, комплети и гуртни внимателно тргнав, а Бажо ме обезбедуваше. Направив грешка што не би требал да ја направи НИКОЈ што тргнува да качува чисто, а тоа е изјавата „абе доста ќе ми се овие гуртни“ :D. Немам некое искуство во чисто качување (освен ова единствено го имам качено Голем Камин чисто), меѓутоа тоа што го имам читано е дека НИКОГАШ не се многу гуртни! Бев соочен со тоа некаде на сред качување да калкулирам што да користам, а што да чувам за погоре да ми се најде (нареден пат земи си ги сите!). Како и да е…

Првата точка за обезбедување одлучив да ја поставам на неколку метри над земја, додека сé уште сум на лесен терен. Најдов дупка во карпата низ која што протнав долга гуртна. Продолжив нагоре и стигнав до првата пукнатина, која како да е правена за заглавување чокови во неа. Таму мислам дека го поставив најголемиот чок (велам мислам затоа што за некои работи имам меморија ко златна рипка. Што се однесува до мене, пола насоки што ги имам качено на Матка кога ќе ги повторам ќе ми бидат ко on sight 😛 ).

Во пукнатината погоре ставив уште по некој, а успеав и да најдам место и за хоризонтално поставување на еден од хексовите. Насоката оди скоро по права линија нагоре и излегува на старото сидриште на Голем Камин (барем јас го знам како такво). Иако горе има неколку алпинистички клинови, поради желбата да ја истерам насоката чисто, решив да не ги користам и да направам чисто сидриште. Направив сидриште преку една голема испакнатина од карпата користејќи го јажето.

Насоката е долга нешто помалку од 30 метри (судејќи според јажето). Релативно е лесна , не би требало да има ништо повеќе од IV+ . Јас поставив веројатно 4-5 точки за обезбедување (повторно Јас и мојата меморија :P).

Во неделата се пофалив на неколку пријатели качувачи за линијата и им ја покажав. Добив негативен feedback, ми рекоа дека карпата е со премногу лош квалитет за да се качува чисто. Ги почитувам многу како луѓе и поискусни качувачи, меѓутоа не се согласувам. Сметам дека точките што ги поставив ќе издржеа пристоен пад. Од други пријатели качувачи пак добив поддршка и честитки. Можеби некој ден некој друг ќе ја искачи па ќе потврди или ќе побие ;). Што се однесува до повторување, почнав да се распрашувам дали можеби искачувањево е првенствено, со оглед на тоа што клинови има доста високо, а следат дијагонала од десно во лево. Во меѓувреме ми кликна нешто. Всушност не ми е битно дали е првенствена. Доволен ми е фактот што со Бажо искачивме насока on sight и чисто. Битно за мене е тоа што ова успешно искачување, колку и да е мало и лесно ме поттикна да почнам да се насочувам кон чистото качување.

 

Саботниот ден ќе го паметам по неколку убави работи. Првото излегување на Анкин во природа, и тоа ни помалку ни повеќе туку на Матка :D, убавото друштво и моето прво чисто on sight искачување.

P.S. Се извинувам за квалитетот на фотките, меѓутоа реално не се спремавме за ваков подвиг, па фоткањето испадна инцидентно.

Текст на Христо Ежовски – Еж