Наслов

Заврши обидот за зимско искачување на К2

Откако пред една недела тимот на Алекс Чикон конечно крена раце од зимското искачување без О2 на Еверест, полската експедиција од базниот камп на К2 исто така се огласи дека става крај на експедицијата на засега единствениот и се уште неискачен 8000-метарски врв во зимски услови. 

Полјаците се несомнено едни од најдобрите и најуспешните искачувачи на Хималаите. Почнувајќи од 70-тите години па наваму тие имаат комплетирано безброј експедиции во високите планини на азискиот континент, од масивите Хиндукуш, Памир, Тиан Шан и Хималаите. Воедно, тие се и главни виновници за развивање на зимскиот хималаизам кому му недостасува уште едно парче во сложувалката - К2 во зима. 

Експедицијата на Кшиштов Вјелицки (еден од најискусните полски хималајци) која оваа 2018 година имаше несомнено еден од најсилните тимови на качувачи доби на голема медиумска покриеност и се очекуваше да направи напредок и успех со првото зимско искачување на К2. 

Сепак, планината и природата со нејзината непредвидливост и навистина тешки услови во зимски период, едноставно не дозволи тимот ни да се доближи до границата од 8000 метри.

Најпрво тимот се одлучи за „Баскиската” насока каде наиде на одрони кои повредија дел од членовите, на крајот од јануари мораа да тргнат во спасителна акција на Нанга Парбат, за подоцна да се префрлат на гребенот Абруци. Тука, Адам Биелицки и Денис Урубко успеаја да стигнат до висина од 7200 метри и да направат извидница само до 7400 метри - што треба да се напомене дека е околу 250 метри повисоко од зимскиот рекорд на планината. 

Потоа следеше лошо време, па бунтовнички соло обид на Урубко да стигне до врвот кој заврши неуспешно, после што тој си замина од експедицијата. 

На почеток на март планината беше зафатена со невреме и обилни врнежи на снег, за на 05.03. експедицијата да се огласи дека се повлекува од понатамошните обиди поради следните фактори: 

1. По извидницата направена од Адам Биелицки и Јануш Голаб - воспоставено е дека фиксните јажиња и кампот C1 се потрупани со голема количина на нов снег, по што се претпоставува дека состојбата во горните кампови е уште полоша. 

2. Прогнозата дава единствено еден добар прозорец за обид на врвот - 11.03.2018 

3. Нема време за аклиматизација на тимот до тој датум. 

4. Зголемен ризик од лавинска опасност. 

5. Лоша прогноза по 11.03.2018

05 Март 2018

За авторот