Една од најпредизвикувачките трки во ски - алпинизам

Заврши 31-то издание на Пиера Мента

Трката се одржува секоја година во месноста Ареш – Буфор, Франција и е навистина исцрпувачка со секојдневни итинерери од преку 2500м нагорна висинска разлика и исто толку спуштање со скии, по променлив терен и непредвидливи снежни услови.

Тркачите се групирани во тимови од по двајца и се движат по одредена траса која поминува низ неколку контролни точки. Искачуваат неколку врвови, превои, кулоари, притоа секојпат држејќи се на непосредно растојание од својот партнер.

Мојот план беше да ја искористам оваа трка за сопствен тренинг и подготовка, притоа да го почувствувам пријатниот амбиент и мотивирачката спортската култура.

Замислете на трката учествуваа 200 тимови или вкупно 400 тркачи. Но, преку 1000 гледачи, бивши или идни натпреварувачи, вљубеници во планината од сите возрасти, секој ден тргнуваа во 5 наутро за да стигнат до некоја од високо лоцираните контролни точки од каде што ќе можат подобро да ги гледаат и да ги охрабруваат тркачите.

Така и јас заедно со моите пријатни домаќини, секојдневно со скиите под нозе во 5 наутро се упатувавме до некој од претходно одредените врвови на планината, а неколку пати успеавме да реализираме и поголем дел од итинерерот на тркачите. На пример на вториот ден, ја изодевме скоро целата патека како и тие, но се разбира за многу подолго време.

Е сега, тоа што за мене беше најмагично е традицијата која луѓето ја имаат кон овие настани. Дојдени од цел свет гледачите правеа вистинска мотивирачка атмосфера, поддржувајќи ги натпреварувачите без разлика на нивниот фаворит. Можам со сигурност да кажам дека на доделувањето на наградите немаше толку многу гледачи како што имаше утрото на врвот на планината во 8:30 наутро.

Неприкосновени победници во машка категодија Килиан Жорнет и Матео Жакемо, а во женска Летиција Ру и Аксел Моларе.