Со урбано веслање против секојдневната монотонија

Запознајте се со SUP и Аква-Тера во градскиот парк

Клубот за спорт и рекреација, Аква-Тера, кои веќе втора година по ред работат на развој на водените спортови во Македонија и го промовираат веслањето на даска (Stand-Up Paddling или скратено SUP) како нов спорт во земјава нудат нова понуда за веслање во градскиот парк. Веќе два месеца, тие се позиционирани во Central Park Skopje каде што нудат промотивно веслање на даска за сите кои сакаат да се запознаат со спортот.

Под мотото „after-work SUP”, имаат за цел да ја разбијат секојдневната монотонија која трае за време на работната недела и да создадат можност да се оспроба нешто ново во самиот центар на градот. Секако, сите кои уживаа во веслањето на даска имаа шанса да ги разгледаат и останатите понуди и дестинации за веслање кои ги нуди тимот.

Досега пробале повеќемина, од помали до повозрасни, бидејќи спортот воопшто не познава старосна рамка. Дури е погоден и за оние со домашни миленичиња. На фотографиите подолу можете да погледнете како тоа изгледа, па доколку ви изгледа забавно – дајте си шанса.

Доколку сте заинтересирани наминете секоја среда од 18:00 часот. Или пак информирајте се за нивните понуди преку нивната официјална интернет страна http://aquaterra.mk/ или преку Facebook страната Sup Club Aqua-Terra Skopje. Внесете авантура во работните денови!