Загина еден од најистакнатите екстремни спортисти – Валери Розов

Овој викенд на 11.11.2017 во обид да направи таканаречен „бејс” скок од врвот Ама Даблам во Непал, загина еден од најпознатите и профилирани екстремни спортисти во светот – Русинот Валери Розов. 

Валери беше роден во Нижи Новгород на 26 декември 1964 година. Во младите години активно се бави со алпинизам за во 90-тите години да започне да скока со падобран каде два пати станува светски и европски шампион. Паралелно започнува да се бави и со скокање со летечки костум (вингсут) како и „бејс” скокање. 

Претходното искуство во планините и искачувањата заедно со летечките спортови го носат на некои од најекстремните места на светот, откаде Валери ќе направи низа на комплексни и експонирани подвизи во полето на екстремните спортови. 

„Бејс” скок од највисока точка во светот – 7700 мнв – Чо Оју 

Едни од најважните подвизи се: скок од 7220 мнв од северната стена на Еверест во 2013 година, највисок бејс скок во светот 7700 мнв на падините на Чо Оју, скок од Килиманџаро во 2015 година, скок од Гранд Пилер Д’англе на Мон Блан, скок од врвот Хуаскаран – највисок врв во Перу. 

Скокот на Еверест

Идеите за екстремни и комплексни скокови на Валери продолжуваат и на Антартикот, каде на минусни температури го прави скокот од атрактивниот врв Улветана 2931 мнв, како и скок над активен вулкан на Камчатка. 

Ова се само мал дел од авантурите на Розов кој имаше преку 10000 скокови со падобран и околу 1500 скокови со вингсут низ целиот свет. 

Оваа есен планот на експедицијата водена од руската компанија Алпиндустриа (Alpindustria) беше да се направи скок од атрактивниот врв Ама Даблам во Непал 6812 мнв. Подробностите околу несреќата на Валери се уште не се познати. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија