Наслов

За Сочи 2014 одвнатре - Интервју со Сашо Поповски

Зимските олимписки игри во Сочи 2014 се фокус на сите светски медии, многу објективи, интервјуа, медали, изненадувања и натпреаврувачи кои сакаат да се качат на врвот на славата е декорот што го обзема Сочи. За да ѕирнеме малку одвнатре го контактиравме Сашо Поповски, нашиот претставник од Македонскиот олимписки комитет кој е водич на нашата делегација, со цел да ни долови слика за тоа што се случува во Сочи со нашите претставници.

Како го оценувате Сочи 2014 и како сте задоволни во однос на целокупната организација и посебно во однос на спортската инфраструктура во која Русија инвестираше околу 55 милијарди долари?

Откако поминаа почетните специфични ситуации кои се речиси нормални за секои Олимписки игри, може да се даде оценка дека организацијата е навистина на високо ниво. Земајќи ги во предвид високите очекувања во однос на сместувањето, исхраната, транспортот, спортската инфраструктура, соработката со волонтерите, но и сигурноста на спортистите сето ова што го гледаме овде е токму она што се очекуваше од домаќинот.

Спортската инфраструктурата е извонредна и на секој чекор се приметува огромната инвестиција во овој регион кој секако повеќе кратно ќе се врати преку оддржливиот и долгорочен развој на спортот, туризмот, спортскиот туризам и економијата. Единствен куриозитет е времето. Немаме впечаток дека станува збор за Зимски Олимписки игри, а фактот дека беа измерени и температури од 18 степени го потврдува погоре кажаното.

Каде поточно се наоѓа нашиот тим, во кој комплекс и какви се дневните обврски на натпреварувачите и логистиката?

Ние сме сместени во две Олимписки села. Олимпиското село "Слобода" се наоѓа на надморска висина од 1500 метри, а олимписките терени са на само 500 метри од селото. Околу 1000 спортисти и членови на делегациите на Националните олимписки комитети кои ќе се натпреваруват во биатлон и нордиско трчање се сместени во ова село. Спортистите кои ќе настапат во алпско скијање и сноуборд се сместени во Планинското село на надморска височина од околу 1250 метри. Во третото село кое се наоѓа во близина на Сочи се сместени спортистите од преостанатите спортови односно хокеј на мраз, лизгање (уметничко и брзо) и карлинг. Во однос на дневните обврски можам да кажам дека по доручекот следат подготовките за тренинг, тренинг и опоравување по тренинг.

Следи ручекот, мала прошетка во селото, гледање на видео снимки од разни спортски настани, по што следи лесен фитнес тренинг и вечера. По вечерата имаме дружење и размена на искуства со другите национални тимови кои се во нашето Олимписко село и негде околу 22:00 часот спортистите се упатуват на спиење. Секако, во деновите кога се натпреварите, агендата пред настапот е целосно изменета. Логистиката е задача на водачот на делегацијата и тоа е лице кое навремено мора да обезбеди транспорт на спортистите до и од спортските арени за тренинг и натпревар, да го организира сместувањето на делегацијата, да поднесува секојдневни извештаи до ИОК, а на состаноците со ИОК кои се одржуват секој ден од 7:30 до 8:30 часот, доколку се јавила некоја нерешлива ситуација истата да ја изнесе во насока на нејзино решавање. Целокупната логистика и организацијата доколку доаѓа претседателот на државата или премиерот, или министерот за спорт на Олимписките игри и во Олимпиското село е исто така обврска на водачот на делегацијата. Транспортот на опремата и спортистите од и до аеродром, здравствените прегледи, пријавување термин за теретана, фитнес и слично се само мал дел од обврските на водачот на делегацијата или како овде тоа се вика Шефот на Мисијата.

Каква е состојбата и мотивацијата со нашите претставници и колку члена брои нашата делегација во полн состав?

Во Сочи се Антонио Ристевски – алпско скијање, Марија Колароска и Дарко Дамјаноски – нордијско трчање заедно со нивните тренери Иван Лесевски и Ѓоко Динески. Д-р Зоран Ханџиски се грижи за нивното здравје, суплементација, опоравување по тренинг, масажи, користење на компекс, нутрицизам и слично. Тука се и претседателот Васил Тупурковски, спортскиот директор Владимир Богоевски и потпретседателот на Скијачката федерација на Македонија, Владо Пановски. Факт е дека не постои поголема мотивација од сознанието дека се бранат боите на својата држава на Олимписките игри. Сметам дека мотивацијата на спортистите е на највисоко ниво и убеден сум дека ќе го дадат најдоброто од себе.

Од кој наш преставник очекувате најдобар резултат?

Секако дека Антонио Ристевски и Дарко Дамјаноски треба да постигнат најдобри резултати, но сепак многу фактори ќе зависат од нивните конечни резултати. Верувам дека нивните тренери ја темпираа формата за ЗОИ СОЧИ 2014 и сметам дека токму најдоброто од нив ќе треба да биде прикажано на Олимписките патеки.

Дали МОК ќе има и други активности во Сочи?

Во Сочи, претседателот на МОК, д-р Васил Тупурковски оствари работна средба со раководните лица на ИОК при што се разговараше за активностите на МОК, но и за унапредувањето и зголемувањето на програмите на МОК за 2014 година. Главна тема на овој разговор беа вторите Младински олимписки игри кои треба да се одржат во Нанџинг, Народна Република Кина (16-28 Август 2014 година).

Најважно е да се истакне дека од страна на МОК, за таа цел се обезбедени дополнителни финансиски средства во износ од 50,000 американски долари, наменски средства за подготовка и обезбедување на норма како и финансиски средства за подготовки на оние млади спортисти кои ќе изборат учество (норма) на вторите Младински Олимписки игри. Овие средства се надополнување на веќе обезбедените 50,000 американски долари така што вкупниот износ кој МОК го обезбеди за развој на нашите потенцијални млади олимпијци сега изнесува 100,000 американски долари. Беа реализирани и официјални состаноци и со Американскиот, Бразилскиот, Италијанскиот, Францускиот, Рускиот и Германскиот олимписки комитет при што беа договорени продолжувања на договорите за соработка и добивање на помош за развој на македонскиот спорт, најмногу во развојот на стручниот тренерски кадар, развојот на спортскиот менаџмент и спортската администрација, спортската медицина и добивање на донации во спортска опрема.

       

Слики од искачувањето на врвот Елбрус каде беше однесен Олимпискиот оган

Сашо Поповски пред олимпискиот оган во Сочи

15 Февруари 2014

За авторот