Во соработка со Владата на СР Германија и Германскиот олимписки комитет

MАКЕДОНСКИОТ ОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ СО НОВА ДОНАЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ МЕЧУВАЛЦИ

Во периодот од 5 до 11 Август, во салата на Хотел Дрим во Струга, во заедничка организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Мечувалечката федерација на Македонија (МФМ) се одржува Национален тренинг камп и обука во мечување.

На кампот ќе учествуваат Македонската мечувалечка репрезентација, но и повеќето членови на мечувалечките клубови.

Одржувањето на кампот го овозможи МОК, кој не само што даде финансиска помош, туку во соработка со Министерството за надворешни рабори на Сојузна Република Германија и Германската Амбасада во Скопје, обезбеди присуството на реномираниот холандсдки тренер Рорик Јансен кој работи со македонските тренери и најдобрите мечувалци од Македонија. МОК обезбеди и донација во спортска опрема која се состои од специјални торби за мечувалечка опрема, маски, ракавици и голем број на мечеви.

На крајот на подготовките, на 12 и 13, ќе се одржи и традиционалниот Национален Куп во мечување ОХРИД 2017 на кој ќе учествуваат натпреварувачи од преку 10 европски држави во сите три дисциплини, меч, флорет и сабја, од кадетска до ветеранска старосна возраст.