Витоша 100 – Одличен настап на македонските велосипедисти и тркачи

Овој викенд со старт и финиш во Софија се одржа овогодинашното издание на еден од најстарите и најмасовните планински настани во Бугарија – Витоша 100. Македонија може да се пофали со едно второ место и тоа во женска конкуренција, две машки во први 10 и повеќе други финиширани спортисти од околу 2500 натпреварувачи. 

Обиколката на Витоша претставува најмасовниот планински настан во Бугарија кој секоја година привлекува одлична бројка на спортисти и љубители на прекрасната планина која лежи во непосредна близина на главниот град Софија. На дистанцата која изнесува приближно 90 километри постојат три натпреварувачки категории во планинско трчање, планински велосипедизам и дуатлон, а оваа година повеќе македонски спортисти од различни клубови учествуваа на овој ултрамаратон.

Во конкуренција од вкупно 1296 велосипедисти Анита Величковска со В.К. Оксижен го освои високото второ место во женска конкуренција со време од 5 часа 17 минути – само 5 минути позади првопласираната, а Михаил Тасевски од истиот клуб заврши на осмата позиција со време од 4 часа 25 минути. 

Интересно за велосипедистите е тоа што дури 37 мажи успеаја да ја изминат дистанцата за помалку од 5 часа, а за помалку од 6 часа пристигнаа 6 жени меѓу кои и Анита. 

Во клапа на ултрамаратонците пак, од Македонија учествуваа Светлана Стојаноска-Ивановска, Жикица Ивановски, Александар Кирковски, Никола Цицоски, Борче Милосковски и Јовица Стојановски покрај приближно 1290 други натпреварувачи. 

Сите наши учесници го завршија ултрамартонот, а Жикица Ивановски влезе во првите 10 мажи со време од 9:40 (9то место), a Светлана Стојаноска Ивановска заврши како 36 жена. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија