Ден 9. сабота, 9 јули Поградец – Струга - Радика, 120 км

Велоаџилак – ден 9

Се разбудивме во многу мирно маало од градот. Претходната вечер газдите ни рекоа дека можеме да спиеме до колку сакаме и да си одиме кога ќе бидеме подготвени. Не не брзаа. Ама немавме многу време за лежење. Си станавме на време како и другите денови, ги земавме точаците, товаривме и тргнавме. Не се ни поздравивме. Немаше никој во хотелот. Толку беше рано.

Сврти на претходна страница >> Ден 8

Возевме по патот што води покрај езеро. Прекрасна глетка од десната страна. Патот е главно рамен. На места се работеше на патот па имаше многу прашина. На големо се работеше на оваа делница. Одвај се пробивавме покрај камиоите и багерите. Некаде имаше правено и подземни премини за пешаците, но секако не ги користеа. Новите автобуски постојки веќе беа вандализирани. Одводниот канал веќе беше поткопан од првиот дожд. Нема да го доживее следниот. Се повеќе луѓе се појавуваа на улицата и чекаа автобус да ги однесе на работа. Најверојатно одеа за Поградец.

За доручек одбравме едно мало плажиче веднаш под патот каде што најдовме маса и столчиња. Ќе правиме сендвичи со производите што вчера ги купивме во Билишта. Јадевме, молчевме и си уживавме во моментот. Преку езерото ја гледавме планината Галичица, а сонцето само што ја имаше преминато. Се беше мирно. Езерото го очекуваше уште еден ден во кој што туристите ќе уживаат во неговата убавина. Можевме дури и садовите да си ги заплакнеме во водата.

Цело време во глава ми беше угорницата пред граница. Само еднаш jа имам поминато, но од другата страна. Значи сум ја спуштал и во глава ми остана дека е многу стрмна. Набрзо стигнавме и до искачувањето. Марко возеше малку побрзо на рамното па застанал да ме чека на почетокот. Тоа е 5 километри долга угорница со просек од околу 5%. Штом се сретнавме со Марко тој веднаш летна нагоре. Му се возеше. А мене ме мрзеше да вртам. Не ми беше добро од доручекот. Немав вода. И беше многу жешко. Го соблеков дресот и возев гол. Повремено застанував кога ќе најдев мала сенка за да одморам. Не ми беше важно кога ќе стигнам. Знаев дека за денеска ја имаме само оваа угорница и оние благите искачувања покрај Дрим, во правец накај Дебар.

За некое време стигнав на раскрсницата што двои за Г.П. Ќафасан. Многу сакав да можам право да продолжам. Патот ќе ме однесеше во централна Албанија. Тоа е убава земја што некогаш сакам да ја извозам. Откако свртевме десно имаше уште малку искачување, па зарамнува и стигнавме на граничниот премин. И тука брзо поминавме. Ама јас како што памтам, откако поминувам граница со точак, како да се сменија работите. Порано повеќе ме задржуваа, ме испрашуваа. Сега нити ме прашуват каде одам, што носам. Ништо. Ме задржуваат само муабет ако има се прави. А на македонска страна на цариникот му раскажував каде сме биле и што се сме посетиле. Се попали малку. Го удри на патриотизам. Од граница летнавме надоле. Еј ама мераклиска удолница е тоа. Убав мазен асафалт, широк коловоз и некаде стрмен. Кај Франгово свртевме десно за да излеземе пред Калишта. Тука има малку угорничка. Па спустот до Калишта и правото до Струга. Малку возевме по патот, малку по велосипедската патека. Врие од змии таму меѓу трските. Кога влеговме во градот веднаш се упативме на излезот на Црн Дрим. Се сликнавме на мостот и седнавме во еден од кафичите да пиеме сок. Испивме по две кока коли и по едно кафенце. Сепак сме дома, сакав да се почастиме. Тука се видов со Елена и Коста од Струга. Веќе знаеја каде одиме и што возиме. И подоцна неколкумина во Струга ќе не поздрават познавајќи не и знаејќи дека ја возиме Македонија. Касандаааар, Кругот на Македонија, извика едно момче од комбе што превезуваше боја за молерисување. Две други момчиња на точаци не поздравија кога стоевме пред Рамсторот да пазариме.

На излезот од Струга, кај кружниот тек фативме на север кон Велешта и Враништа. Тука сообраќај како и секогаш. Врие од коли, а плус па сега и гастербајтерите се вратени. Возевме крајно десно на патот, повремено возејќи дури и надвор од асфалтот само за да им направиме место на колите, автобусите и камионите за да возат непречено. Цело време имаше застој заради колите што се вклучуваа и исклучуваа од патот. Тоа е дефинитивно најубавата делница за туринг во Македонија, но делот до Лабуниште има многу сообраќај.

После сè се менува. Цело време се вози во шумски појас и во зависност во кој дел од денот возите, може да ве фати сенка. Повремено реката се претвора во езеро, па пак река и така се до Дебар. Тука патот е и рамен и километрите брзо се поминуваат. И одеднаш пред вас се појавува знакот за село Луково. Рајот. Влетуваш во продавничето покрај патот, се паркираш внатре и остануваш еден саат. Испивме по еден ладен Швепс, земавме банани, ладна вода спроти продавницата и земавме нешто за јадење. Само седиш внатре и ги слушаш локалците и нивните приказни. Порано Луково било големо село, дури и седиште на општина. Сега има околу 300 жители, но важно е дека се уште работи основното училиште.

Планот ми беше да стигнеме до почетокот на Дебарско езеро и тука да одмориме. Се исклучивме од главниот пат на свртувањето кон село Долгаш. И се симнавме покрај реката. Тоа место го открив во месец јуни кога со Марио возевме низ општина Жупа. Тука е многу поладно отколку горе на патот. Реката носи ладен воздух, а дрвата над нас ни правеа дебела сенка. Веднаш отидов до реката да се избањам, ама беше току ладна што издржав само неколку секунди во вода. Ај после пак, си помислив. Не влегов повеќе. А толку и се оштрев дека ќе седам во вода. Тука и ручавме и спиевме. Жуборот на водата секогаш зашеметува. Беше мирно. Повремено ќе поминеше некој камион полн со дрва од планината и веднаш ќе си заминеше. Тука бевме безбедни.
Решивме да тргнеме околу 16 часот. Веќе овој дел од патот ми е познат, знам дека ќе имаме заштита од сонцето и дека патот е релативно лесен за возење со благи искачувања и спустови. Многу пати сум го возел во двата правца и секогаш се прашувам од која страна е полесно. На крајот на краиштата секако морам да го поминам, и не е важно која страна е поблага се додека вртам. Ми се допаѓа патот на езерата бидејќи е живописен крај, се вози покрај вода и можеш да одмориш во сенка кога сакаш, има угорници ама не се тешки и долги и завршуваат со долг спуст. Тука километрите минуваат брзо.

Стигнавме и до село Џепиште. Тука се свртува лево и тој пат води кон Голо брдо. Стоев и се прашував дали да тргнам. Бев многу уморен од претходните денови и имав недостаток на мотивација. Продолжив право. Не тргнав кон граничниот премин. Тоа беше последното место од цела етничка Македонија што го немам посетено. Го оставам за некој следен пат. Веќе доволно пат поминавме, многу места посетивме. И на крај овој потег ќе се покаже решавачки за целата експедиција да ја завршиме за десет дена. Доколку тргнев таму ќе спиевме многу далеку од Скопје. Толку далеку што немаше да имаме шанса последната етапа да ја извозиме за еден ден.

Потоа следува селото Отишани и тука одморивме кај тоа чешмичето позади заштитната ограда. Секогаш таму одморам зошто е сенка, има вода и сум малку тргнат од патот. Ама овој пат чешмата не течеше. Чудно. Секогаш тече. Водата не е нешто ладна, ама важно ја има. Убаво место за ладење. Од тука пак има угорница и потоа спуст до браната. Тука веќе не фати силен ветер. На другата страна на езерото врнеше дожд, а ветерот дуваше кон нас. Значи имаше опасност да ни го донесе дождот. Затоа не сакав да се задржувам многу кај браната. Само сакав да стигнам до градот. А Марко па, за баксуз, баш сега му се издиша гумата. Дали се дупна, дали имаше проблем кај што излегуваше надворешната. Решивме да ја напумпаме за да издржи до градот, па таму ќе му ја мислиме.

Возевме спроти многу силен ветер. Одвај ја искачивме угорницата пред градот. Приметив дека и облаците веќе го менуваа правецот и продолжија на југ по езерото и кон Караорман. Кога влеговме во градот веднаш застанавме кај салата. Тука имав заштита од ветерот што уште дуваше силно и имавме стреа доколку, сепак, дождот тргне навака. Марко отиде по сок и благо, а јас ја менував гумата. Откако ја сменив, имав време и да ја залепам дупнатата. А дупката на надворешната веќе беше многу голема. Ми беше страв дека може да пукне во секој момент. Ние не приметуваме но надворешната гума развива висока температура кога е во контакт со коловозот. Посебно сега кога сме товарени и кога спуштаме удолници. Тогаш може да прегрее, да се подуе кај дупката и да пукне. А предна е. Нема да биде весело.

Во градот не се задржавме многу. Всушност на кружниот тек свртевме кон Рајчица. Градот не го ни видовме. И за среќа на излезот од градот видовме велосипедски дуќан. Од оние малите со неколку резервни делови, надворешни гуми и добар сервисер. Во случајов и човекот се погоди добар. Беше млад дечко кој што го затвораше дуќанот. Денеска беше сабота и сакаше порано да си оди. Ама ние го задржавме. И тој беше многу расположен да помогне. Купивме една надворешна гума, ни даде и супер цена и се понуди да ја смени зошто не виде дека сме многу уморни. Потоа застанавме малку во Рајчица, вистински рај на земјата, и продолживме по Радика.

Некако многу време изгубивме по пат околу гумата и тактизирајќи со дождот. Тука коловозот се уште беше воден, што значи дека тука врнело и ќе биде водена земјата за пуштање шатор. Сакав да извозиме што е можно погоре по реката за да имаме помалце за возење за следниот ден. Во главата ми се врткаа неколку места за кампирање. Некои од нив поминавме и беше многу рано за сместување, други беа премногу блиску до патот, трети едноставно немаше услови или беа приватни имоти. Не знаеш што табиет се луѓево, може ќе се лутат ако те начекаат сабајле во нивата. Ќе одиме на сигурно. Проверив и на новиот пазар за ракотворби направен веднаш покрај патот, ама подлогата беше тврда и некако теренот беше чуден. Јас всушност сакав да стигнеме до паркингот каде што ги оставаме колите кога одиме на качување, и да спиеме веднаш покрај реката. Сум бил таму неколку пати и знам дека има убаво рамно место за спиење. Ама беше далеку. Проверував на телефонот уште колку километри има до таму, ама дефинитивно беше далеку.

А веќе не стемни. Сега шансите да се најде убаво место за спиење се уште помали. Затоа не сака многу пребирање. Најубаво е да се сместиш додека уште се гледа, пушташ шатор и тоа е. Во глава ми се сврте дека можеме и во Бигорскиот манастир да се сместиме. Ама не бевме толку зорт. И ми текна дека најубаво ќе биде да спиеме на бензиската поле Бигорски. И така направивме. Повозевме уште малку и стигнавме до бензиската. Веќе беше пет минути до десет. Го прашав вработениот дали нон стоп работи бенсиската. Рече не. Ама може да спиеме позади во дворот под дрвата? Рече да. Ама да заминеме пред осум кога му доаѓа смената. Давам збор дека ќе биде така, му реков. Се сместивме позади бензиската пумпа, под дрвата, веднаш до реката Радика. Тој набрзо си замина и останавме сами со реката и животните. Ова беше идеално место за кампинг. Теренот беше рамен и тревнат, дрвата не штитеа од утринска роса, имаше тоалет, вода и немаше коли. Се слушаше само жуборот на реката. А бевме уморни. Токму вакво место ни требаше за оваа вечер. Ама беше многу ладно. Дури се зачудив. Беше средина на јули, а надвор температурата беше околу 10 степени. Плус имаше голема влажност во воздухот. Веднаш се беше натопено. Ги собирав алиштата и патиките по кеси за да не се натопат од влагата во текот на ноќта.

Е кога ќе ми текнеше каде бевме сабајле, каде сме сега. Утрово тргнавме од Поградец, ја качивме планината, па Струга, па покрај Дрим, езерата, Дебар и стигнавме до тука. Мислам дека за утре имаме доволно километри и време да стигнеме до Скопје. Ако стиснавме малку вечерва, утре само ќе се искачиме до Маврови анови и после тоа спуст. Сакав да поседам уште малку надвор, дури помислував и да спијам надвор од шатор, ама многу беше ладно. Си ги запишав поважните работи за тој ден, влегов во шатор и си заспав. Утре треба да станеме рано и да го извозиме последниот ден. Утре ќе го затвориме кругот. Мене оваа експедиција многу ми значеше.

Сврти на наредна страница >> Ден 10