Ден 8. петок, 8 јули Неаполи – Костур - Поградец, 150 км

Велоаџилак – ден 8

Спиевме во околината на градот Љапчишта на триесетина километри од Костур. Целта за денеска ни беше да влеземе во Мала Преспа, да ги поминеме Корча и Поградец и да спиеме што е можно поблиску до Радожда.

Сврти на претходна страница >> Ден 7

Луѓето рано посабајле си беа тргнати за на нива. Не разбудија тракторите што поминуваа блиску до нас. Ајде да стануваме и да тргнеме на време. Подобро порано на пат, отколку да треба да возиме по жешкото. Башка, денеска одиме и во Костур, а сигурно и таму ќе изгубиме време.

Теренот беше истиот од претходниот ден. Досаден. Нема ништо интересно да се види. Повремено одеше нагоре-надоле, беше прав, се движевме како во некоја речна долина и одевме спроти реката. Значи благо искачувавме. Покрај патот начекавме местенце каде што имаше чешма со студена вода, сенка од лозница и убаво паркче со клупи и маса. Тука седнавме да доручкуваме. Таман завршивме дојде стопанот на местото. Тоа беше од оние паркинзи каде што си доаѓа човекот со своето комбе кое што се отвора и се претвора во подвижна кафана. Таман станавме, тој се паркира и веднаш почна да вади од реквизитите и за кратко време направи вистинска крајпатна меана. Па дури и луѓе почнаа да доаѓаат. Го знаат кога отвора.

Ние продолживме кон Костур. По пат планирав да го посетам и селото Хрупишта, или според старото име Аргос Орестикон, место од каде што според легендата потекнува античката македонска династија на Аргеадите. Аргос-Аргеади. Но не, продолживме право кон Костур. Ќе дојдам пак. Некогаш не ми се прават туристички екскурзии. Треба да извозиме, не да се корзираме. Ќе се вратам.

Малку скршнавме од патот и се симнавме да возиме покрај езерото. Костурското езеро заедно со градот Костур се прекрасни. Многу потсетуваат на Охрид. Поминавме покрај селото Манјак и влеговме во градот. Некако пред да дојдеме во Костур бев сигурен дека нема да влеземе. Сум бил, сум го прошетал, ама ете сега Марко сакаше да го види градот. Сепак ептен ни беше на пат. Свртевме накај центарот и јас застанав покрај една клупа на кејот. Му реков на Марко дека јас останувам тука, тој да го земе апаратот и нека се прошета до каде сака. Јас за тоа време требаше да му јас сменам дупнатата гума. Луѓето си правеа утринска прошетка на кејот. Беше насвистина убаво. Костур заслужува да се посетува. Марко го гледав во далечината како се шета и и слика убави кадри. Каде и да се свртиш има убава глетка. Од едната страна е градот поставен терасесто на едно возвишение-полусотров, а на другата страна е езерото. Градот има има интересна архитектура, со бели големи куќи, слични на оние во Охрид. Мирен град е. Од другата страна, езерото е полно со лебеди, дрвени кајчиња што се уште се користат за рибарење. Имавме можност и да присуствуваме на тренинг на грчката репрезентација во веслање што се подготвуваше следната Олипмијада. Тоа го привлече вниманието на многумина посетители. Во градот имаше и туристи. Главно постари луѓе што сакаат да видат едно убаво мирно место.

Штом се врати Марко од прошетка, јас ја монтирав гумата и решивме да излеземе од градот и да си го фатиме патот. Еднаш бев во Костур со Бојан таа година, и отприлика имав ориентација во кој правец треба да се движиме за да го најдеме излезот. На картата го гледав истото што мислев дека треба да го извозиме. Така преминавме од другата страна на градот и малку почнавме да искачуваме. Тоа беше новиот дел од градот Костур, населба што најверојатно се користеше за викендите. Возевме само нагоре, ја следев картата, патоказите и се беше во ред. Ај викам не мора да прашувам по луѓе каде е излезот, туку само ќе возиме во тој павец. Па каде би одел овој пат ако не кон Преспа и граница. Добро. И возиме, возиме, возиме, пројдовме многу километри. Веќе ми стана сомнително. Ме фаќа паника кога не сум сигурен дали сум на вистинскиот пат. А овој пат што го гледавме пред нас водеше многу високо во панината. А се сеќавам дека кога возевме со Бојан, ние влеговме во градот од таа страна, но се спуштавме по една блага удолница по широк пат. Ова воопшто не личеше на тој пат. Ама си реков, ајде, ќе пробаме. Можеби грешам. Но не, патот што го возевме заврши на еден мост и од тука продолжуваше едно тесно патче што води до некои планински села. Ајде назад. Еј, ама нервоза ми дојде. Толку време изгубивме за ништо. Џабе километрите, џабе искачувањето на ридот над Костур. А сонцето веќе се закануваше дека и денеска ќе пржи. Возејќи назад сретнавме едно момче кое се враќаше од тренинг. Држеше тениски рекети во раката. Абе за Преспа, му велам. Па почна да ми објаснува нешто. Главно го сфатив дека треба да се вратиме по патот по кој што сме дошле. Па да тргнеме нагоре. Ок, личи на она што го имам возено. Подоле Марко праша друг човек, истото ни го кажа. И дојдовме до еден кружен тек што претходно го поминавме и тука стоеше знак Лерин. Е на место сме. Ама на погрешното место. Точно е дека овој пат водеше кон Лерин, но по најтешко можната патека. Овој пат излегуваше на висина над новиот дел од градот и навистина одеше за Лерин, но преку планина. Ова ни од далеку не е оној пат што го возевме со Бојан. Ама тргнавме. Уште две други госпоѓи ни потврдија дека овој пат води накај граница. Ни се смееја и со рацете правеа нешто како бранови. Сакаа да ни кажат дека патот оди високо ви планина па надоле па нагоре и така до граница.

Угорницата беше многу стрмна. Си правев паузи на секои 500 метри и се свртував назад за да го гледам градот. Барем му се изнагледав. Имаше убава глетка. Лерин е поставен на ридест полуостров и од двете страни на ридот се протега градот. Ние од тука ја гледавме другата страна од центарот. Беше многу жешко. Вода нема, сенки нема. Само врткај и моли се да зарамни малку. Ама абер немаше. Гледав на картата колку-толку да можам да ја проценам должината на угорницата. Џабе. И на картата ги гледав истите серпентини што ги искачувавме. Право нагоре во ридот. По носот, што викаат. Поминавме и покрај селото Апоскеп. Покрај патот имаше водичка и сенка од дрва. Ми дојде тука шатор да пуштам и толку за дента. Не мора да возиме повеќе. Толку ми се смачи. Кај угорницава стрмна, па и нервоза дека го утнавме патот и плус сеуште сме на пат што нема врска со првично замислениот. Ама правилото „само врткај” и овој пат ми помогна да ја искачам угорницата. Тоа беше искачување долго 4.7 километри со просек од 5.5%, но првиот 1.5 километар е со просек 10%, а на одредени места оди и до 18%. Мачилиште. Од 650 мнв не качи на 1000 за само неколку километри. После почетните угорници ми беше сеедно. Колку сака нека е стрмно, мора да се помине.

На превојот не се задржавме многу. Ни беше мачно. Само се сликнавме за спомен и веднаш тргнавме надоле. Ние всушност сме ја префрлиле планината што ги двои патот и градот Костур. А патот што требаше да го возиме, го заобиколува овој рид. Пред да излеземе на главниот пат го видов местото каде што кампувавме со Бојан таа година. Излеговме токму на спротивната страна од реката. Веднаш го познав кога го видов. Помиваме преку реката по еден дрвен мост и свртевме десно во правец што води кон Лерин и граница. Тој пат се движи покрај река, а тоа значеше дека ќе имаме блага угорница. Поминавме неколку километри по тој пат и се исклучивме десно. Најдов прекрасно место за одмор. Се симнавме покрај реката и се сместивме под едни сенки од врби. Беше ладничко, тивко. Си се избањавме во реката, ручавме, измив садови, исправ алишта и легнавме да спиеме. Сме потонале во сон. Не исцрпи таа угорница. За денеска планирав да покриеме повеќе километри планирајќи дека ќе возиме по релативно рамен терен. Не ја планирав онаа угорница и промашувањето на патот.

Од тука имавме уште дваесетина километри возење до граница. Знам дека не очекуваше постојано благо искачување. Го поминавме селото Габреш и свртевме лево. Некој споменик има тука. Сакав да одиме и до село Руља, ама ај друг пат. Тоа село се наоѓа многу блиску до свртувањето, и секој пат си викам „ај следниот пат”. Потегот од село Брезница до село Смрдеш поминува низ широка клисура по благо искачување. Интересно е дека од едната страна планината е густо пошумена, а од другаста страна е гола. Нема едно дрво. Сретнавме човек што приметив дека патува пешки. Пет месеци, ми рече. Така ми одговори кога го прашав колку долго е на пат. Пешки патуваат бе? Како може пешки да патуваш. Сум среќавал и позабегани по патиштата низ Франција и Италија. Кој знае и овој кога ќе се прибере дома?
Во овј дел од патот почнав да возам побрзо. Застанавме само во село Брезница да наполниме вода од чешмата покрај патот и веднаш продолживме. Некако сакав да ја преминеме границата. Го поминавме и село Смрдеш, родното село на братот Канзуров, и набрзо излеговме на граница. Неколку пати сум го поминувал овој граничен премин и знаев дека и тука нема да имаме проблеми. Ги прашуваат истите прашања како и на други премини и не замараат многу. Арно ама, на овој премин намеаше интернет. Се одеше рачно. На грчка страна поминавме одма, ама на албанска малку почекавме. Секој пасош беше уредно и читко внесен во списокот на младата полициска службеничка и тоа рачно. Внимателно, како на писмена по математика во петто одделение. Не се брзаме, и реков.

Веднаш после преминот застанавме да се видиме кај сме-што сме и тргнавме. Од тука се до градот Билиште е спуст. Какво летање беше тоа? Преку глава ми беше од угорници за тој ден. Сакав малку побрзо возење, ветер во грб. Го поминавме село Капштица, и продолживме кон градот. Во Билиште сум бил неколку пати со точак и еднаш со кола. Мало градче, со претежно сиромашно население кое што обработува земја за да преживее. Населението е мешано македонско и православно албанско. Немав претстава на колку километри ни е Поградец, ама некако бев сигурен дека е блиску. Затоа предложив да застанеме тука, да се освежиме и да каснеме нешто благо. Влеговме во прават продавница и изнакупивме се, дури и за вечера. Се плаќа во денари и луѓето зборуваат македонски. Долго време останавме пред продавницата. Не ни се стануваше. Не очекуваше рамен и прав пат и знаев дека во остатокот од денот само ќе покриваме километри.

Се наоѓавме во историската област Девол, по течението на истоимената река. Лево и десно од нас имаше широко поле и планини во далечината. Според записите на отоманските патеписци, уште во тоа време тука живеело претежно македонско население, измешано со Албанци и Турци. Покрај патот вработените во јавното претпријатие ги менуваа скоро поставените патокази што водеа до блиските села со нови. Зошто? Затоа што претходните патокази беа на македонски, новите беа на албански. Смени си ја само последната буква и ете ти ново име. Тоа го правеа. Мило ми е дека присуствував на таков чин. Тоа е уште еден доказ дека во тој дел некогаш живеело доминантно македонско население. Во од решив да не одиме Корча. Секако ја посетивме таа област. Сакав да посетиме неколку села повеќе, отколку да одиме во градот. Ако одевме во Корча ќе изгубевме време. А вака ќе поминевме повеќе километри и ќе видиме повеќе села. Или можеби се тешев дека Корча е подалеку па ми беше мака да возам до таму и пак да се враќаме назад. Корча е малку на страна од патот за Поградец. После Коста од Струга ми кажа дека и подбро што не сме отишле Корча зошто имало неколку искачувања до таму. Доста ми беше за тој ден.
По пат приметив еден куриозитет. Македонскиот назив на градот Корча е всушност Горица. На сите патокази во Грација пишува Горица, покажувајќи кон Корча. Е сега, не знам како сме го прифатиле менувањето на името, а сме ги задржале сите топониме во Егејска Македонија. Мислам дека треба да се врати трендот Корча да ја викаме Горица. Буквално сите топоними во тој дел се албанизирани. До еден. Треба да се има само малку познавање од топоними за да се најде коренот на тие имиња.

Возевме низ полето и селата се редеа едно по друго. Само требаше да поминеме што е можно повеќе километри. Но иако овој дел од денот возевме рамно, се уште ја чувствувавме угорницата од утрото. Кај градот Малиќ свртевме десно кон Поградец. Јас уште мислев дека градот е „ене ондека”. Исто така мислев и дека теренот ќе биде рамен. По пат не пресретна едно момче на точак по потекло од Корча. Беше на пат низ Албанија веќе триесетина дена и сега се враќаше дома. Си поприкажавме малку и замина. Не утеши дека немаме уште многу до Поградец. Ама мене веќе ми се здосади од возење. Почнав да гледам места за спиење. Само се залажував. Насекаде околу нас имаше ниви, куќи, ресторани. Нема шанси тука да спиеме. Во далечината се гледаа некакви планини. На терен се обидував да го лоцирам градот. Ја гледав целата должина на Галичица и според тоа можев да одредам каде почнува езерото и Поградец. Јас дури планирав и Радожда да стигнеме денеска. Ама како ми се здосади од возење еј. Тука да ми речеа, тука ќе кампував. Само да легнам. Бев преморен. Ама си поставивме за цел да стигнеме до Поградец и тоа мора да се исполни.
Имаше неколку угорници и удолници и после секоја си велев: ајде, оваа е последна. Ама тие си се редеа. Веќе се откажав од Погреадец. Мислев дека нема да стигнеме. И одеднаш се појави градот. На највисокото место од патот се отвори убава глетка на езерото и таму некаде во далечината свети градот. Не стемни. Вклучивме светла заради спустот. Беше стрмна удолница со многу коли. Не можевме да уживаме во спустот. Патот беше и нерамен и имаше камења. Полека спуштавме. Кога веќе се симнавме во рамното веќе беше многу темно. Имавме поминато 150 километри тој ден. И си помислив: ќе спиеме во хотел. Колку сака нека чини. Мора да спиеме во хотел. Мака ми беше допрва во темницава да барам место за сместување, па да готвам, целиот употен и нечист. Хотел. Иначе не сакате да возите навечер кон Поградец. Толку дупки на еден пат немам никаде видено. Осветлување нема, дупки огромни, коли од двете страни, долгите светла нема шанси да ги тргнат и само се молиш да не удриш во некој кратер или да не те собере некоја кола. Кога влеговме во градот имаше многу гужва. Беше лето. Туристи и вратени гастербајтери. На неколку тераси од хотелите луѓето се подготвуваа за финалето на Еуро 2016. Јас и не знаев кој стигнал до финале, ама си помислив дека ќе биде супер да го изгледаме во хотел. Го поминавме ценатрот и гужвата. Прашав во еден хотел колку чини соба за двајца. 20 евра ми вели. Многу е. Подоле на истата улица најдовме хотелче за 15 евра за двајца.

Оп, ама сме се сместиле за ич пари. Си се средивме и се симнавме во ресторанот да вечераме и да гледаме финале. Оваа вечер сме биле господа. Фудбал на големо платно, кревет, ракија, силна вечера со месо, вифи. Господа. Отприлика сите во хотелот разбираа македонски па заедно навивавме. Јас бев за Франција, ама како по правило и овој пат промашив. Португалија победи. Со среќа нека им е.

Бев преморен и многу ми се спиеше. Кога ќе помислам каде се разбудивме, што се искачивме и каде се бевме тој ден. Обично ваквите денови ме вадат од форма и ми сметаат следниот ден. Не сакам волку форсирање. Ама моравме. Едноставно немаше каде да се сместиме пред Поградец. Затоа па се частевме хотел таа вечер. Имавме и силна вечера и се надевам дека денешното форсирање нема да ни смета за следниот ден.

Сврти на наредна страница >> Ден 9